Какво време нѐ очекува за празниците
Сончево и топло време со мошне високи температури за овој период од годината нѐ очекува за новогодишните празници. Во поголем дел од земјата температурите ќе се движат од 10 до 16 степени, што е над просекот за овој период на годината, велат дежурните синоптичари во Управата за хидрометеоролошки работи.
– Ведро, сончево и топло време ќе имаме на 31 декември и претстојниот новогодишен викенд. По должината на Повардарието во утринските часови е можно да има магла, но во текот на денот ќе биде сончево. Ноќите исто така се ведри со температури над нулата. Генерално, температурите навечер и наутро би се движеле од 3 до 8 Целзиусови степени на повеќето места. Се забележува и умерен северен ветер – не информира Костадинка Арсовска, дежурна синоптичарка во УХМР.
Високите температури, некарактеристични за овој период, се предизвикани од потопла воздушна маса.
– Вообичаено овој период од годината имаме пониски температури, но се случува и да се зголемат степените кога имаме вакво влијание од потопли воздушни маси и варијации на температурата – дополнува Арсовска.
Следната недела, според најавите, се очекува зголемување на облачноста. Од средината на неделата, според временската прогноза, се најавуваат врнежи од дожд и снег, посебно на повисоките места и на планините.
– Со зголемувањето на облачноста, секако, се очекува опаѓање на температурите. Сѐ уште е рано прецизно да знаеме, но во четврток, на Бадник, се можни врнежи од снег – дополнува Костадинка.