Од неодамна во аптеките во Велика Британија се продава нешто како „вакцина за слабеење“ за која не е потребен рецепт, а функционира така што го потиснува апетитот на корисниците и ветува дека ќе изгубат пет проценти од телесната тежина за три месеци од третманот.
Инјекцијата одобрена од Британската здравствена служба (НХС), наречена лираглутид (позната како саксенда), сега е достапна за купување во аптеките низ Велика Британија без рецепт. Оние што се заинтересирани да добијат доза ќе треба да се пријават за брза онлајн консултација. Инјекцијата го имитира хормонот ГЛП1 што нашето тело го ослободува кога се чувствуваме сито по оброк.
Од компанијата што го создала лекот истакнуваат дека резултатот ќе биде речиси премногу добар за да биде вистинит за оние што се борат да одржат здрава тежина, бидејќи го потиснува апетитот и поттикнува да се внесуваат помалку калории во текот на денот.
Здравствените експерти нагласија дека инјектирањето сепак не е „чудесен“ лек за слабеење и треба да се комбинира со исхрана со малку маснотии и со умерено вежбање, за да се постигне какво било губење на тежината. Оние на кои ќе им биде одобрена употреба може да очекуваат да изгубат околу 5 проценти од нивната телесна тежина само во првите три месеци.
Интернет-страницата на НХС сугерира дека лираглутид е погоден за возрасни помлади од 75 години и треба да го избегнуваат бремени жени или доилки, како и оние со проблеми со црниот дроб или бубрезите.
Лираглутид е лек за слабеење што дејствува така што се чувствувате сито и помалку гладно. Се зема како инјекција еднаш дневно. Вашиот лекар или медицинска сестра ќе ви покажат како да го земате – се наведува на веб-страницата „Саксенда“.