Најтоплиот месец во поновата историја е забележан во Кина – тоа беше јули, објавија кинеските државни медиуми, додавајќи дека ова е одраз на рекордното топло време забележано минатиот месец низ целиот свет. Просечната температура минатиот месец во просек била 23,21 Целзиусови степени, додека во јули 2017 година таа била 23,17 степени.
Ова е највисокиот месечен просек откако земјата почна да собира сеопфатни метеоролошки податоци во 1961 година. На 22 јули, светот го забележа најтоплиот ден во историјата на нашата планета, при што просечната глобална температура достигна 17,15 Целзиусови степени.
Некои научници веруваат дека овие податоци укажуваат на фактот дека влијанието на климатските промени врз зголемувањето на глобалните температури е поголемо од кога било досега.
Во јули е забележана повисока просечна температура во сите кинески провинции, за разлика од истиот месец во претходните години. Највисоки температури се забележани во провинциите Гуиџоу и Јунан, а потоа следуваат Хунан, Џиангкси и Жеџијанг, објави кинеската централна телевизија.
И на почетокот на август, температурите сѐ уште се многу високи во делтата на реката Јангце, а метеоролозите предвидуваат дека Шангај, Нанџинг, Хангжу и другите главни градови на провинциите ќе бидат изложени на високи температури и во следните седум дена. Во Хангжу, температурите би можеле да достигнат рекордно високо ниво од над 40 Целзиусови степени.