Вештачката интелигенција сѐ повеќе се користи за медицински цели, но постојат и стравувања за начинот на кој се развиваат и се потврдуваат алгоритмите во овие околности, како и за потенцијалот за прекумерна дијагноза и пристрасност

Вештачката интелигенција може прецизно да открие 20 отсто повеќе случаи на рак на дојка во споредба со мамограмите и другите традиционални методи за дијагностицирање, покажуваат раните резултати од тестот спроведен во Шведска. Студијата е прва од ваков вид што ја испитува употребата на вештачката интелигенција во дијагнозата на ракот, а се спроведува во време кога пејзажот на технологијата и нејзината регулација драстично се менуваат, пишува „Политико“.
Прелиминарните резултати, објавени неодамна во списанието „Лансет онколоџи“, откриваат дека користењето вештачка интелигенција во анализата на мамограм, со еден или двајца радиолози, ги има истите резултати како и анализата на мамограм од двајца радиолози без вештачка интелигенција и открива 20 отсто повеќе видови рак. Употребата на вештачка интелигенција, исто така, носи значително намалување на обемот на работа за радиолозите, бидејќи лекарите трошат 44 проценти помалку време на анализа на мамографи.
Студијата сѐ уште е во тек, а се спроведува во Шведска на примерок од 80.000 жени. На половина од учесничките им ги читале мамограмите од радиолози без помош на вештачка интелигенција, а на другата половина им ги анализирале мамограмите и од вештачка интелигенција и од радиограф – освен во случаи кога вештачката интелигенција открила највисок степен на ризик, кога тестовите биле дополнително анализирани од двајца радиолози.
Резултатите беа објавени во услови на значително зголемување на интересот за потенцијалните можности и ризици што вештачката интелигенција ги претставува во медицината и пошироко. Вештачката интелигенција сѐ повеќе се користи за медицински цели, но постојат и стравувања за начинот на кој се развиваат и потврдуваат алгоритмите во овие околности, како и за потенцијалот за прекумерна дијагноза и пристрасност.

Во исто време, Европската Унија планира да воведе строги регулативи за употреба на вештачка интелигенција, а Европската медицинска агенција работи на процена на ризиците и придобивките од оваа технологија во развојот на лекови.
И покрај позитивните резултати, водечкиот автор на студијата, Кристина Ланг од Универзитетот Лунд во Шведска, вели дека прелиминарните резултати сами по себе не се доволни за да потврдат дека вештачката интелигенција може да се вклучи во мамографскиот скрининг. Ланг и нејзините колеги чекаат дополнителни резултати од тестовите за да покажат дали употребата на вештачка интелигенција го намалува бројот на откриени случаи на рак помеѓу тестовите и дали вреди да се спроведе.

– Најголемиот моментален потенцијал на вештачката интелигенција е тоа што го намалува обемот на работа на радиолозите – вели Ланг, додавајќи дека вештачката интелигенција може да ја елиминира потребата од друг радиолог, дозволувајќи им на лекарите да им помогнат на повеќе пациенти.
Стивен Дафи, професор по тестирање на тумори на универзитетот „Квин Мери“ во Лондон, ги коментираше резултатите, велејќи дека намалувањето на обемот на работа на радиолозите е од големо значење во многу програми за скрининг на рак на дојка. Сепак, тој додаде дека постои опасност вештачката интелигенција погрешно да дијагностицира безопасни лезии.
Ова е прво случајно испитување што ја проучувало употребата на вештачка интелигенција при читање мамограф, но и едно од првите што ја проучувало употребата на вештачката интелигенција во областа на радиологијата. Во една статија објавена во списанието „Јуропиан радиолоџи“ се тврди дека ваквите видови тестови се важни за проучување на безбедноста на системите за вештачка интелигенција, кои можат да произведат непредвидени и невидливи грешки, кои не можат да се објаснат со човечка логика.