Традиционалниот Велигденски концерт што секоја година во Кичево се одржува после големиот христијански празник Велигден, се одржа вечерва во преполната сала на Центарот за култура. Околу 80 минути присутните во салата имаа можност да уживаат во богатите кореографии кои ги изведоа играорците од КУД „Рацин“ и кои се погрижија присутните гледачи во салата презадоволни да го напуштат Центарот за култура.
Главниот конструктор на оваа програма кореографот Антониот Стојчевски беше презадоволен од изведбата на своите играорци и посакува Велигденскиот концерт барем уште еднаш да се реализира во наредните месец-два.
– Резултатот од нашата напорна работа најмногу беше видлив на Велигденскиот концерт што вечерва го одржавме во големата сала од Центарот за култура во Кичево. Сите играорци кои се појавија на сцената го дадоа својот максимум и се погрижија присутните во преполната сала презадоволни да го напуштат овој храм на културата и да се присетуваат на прекрасните изведби на нашите играорци. Наша желба е овој концерт барем во уште една прилика во наредните месец-два да биде реплициран на матичната сцена, но традиционалниот проблем од недостаток на средства ја лимитира изведбата само на вечерашниот концерт – истакна кореографот Антонио Стојчевски, кој нагласи дека програмата што била презентирана на годинешниот Велигденски концерт по многу нешта била поинаква од програмите што ги презентираат културно- уметничките друштва во земјава.
На концертот беа присутни и голем број постари играорци, кои не сакаат да ја пропуштат оваа прилика да уживаат во мајсторството на своите наследници.
– Вечерва имавме прилика да уживаме во совршена изведба на младите играорци на КУД „Рацин“. Ова е потврда дека во нашиот град имаме талентирани млади играорци, кои со својот потенцијал не заостануваат зад веќе реномираните играорци во земјава. Единствено што би посакал бројот на настани од ваков вид во нашиот град да се зголеми, да имаме поголем број на концерти што ќе ги приредуваат друштвата од градот, што ќе овозможи нашите сограѓани да уживаат во што поголем број културни настани од највисок ранг – истакна поранешниот играорец Аце Јованоски.
З.А.