Тука има податоци за животите на сите значајни прилепчани што го прославиле нашиот град на секое поле, посетителот ќе најде историја за сите стари прилепски фамилии, за старата архитектура, чаршијата, изградбата на градот, податоци за сите цркви и манастири, како и за сите села од прилепската општина, вели Златко Ангелески, еден од администраторите
Група ентузијасти од Прилеп деновиве прославија 10 години од основањето на веб-страницата oldprilep.com. Идејата за враќање на спомените на градот херој – Прилеп, всушност, започна пред 11 година, кога беше создадена фејсбук-групата „Прилеп стари фотографии“, која веќе наредната година прерасна во веб-страница. Нејзините администратори досега имаат поставено околу 21.300 слики поврзани со историјата на Прилеп, поделени во 1.563 објави, во кои преку слика и збор е опишана историјата на градот, од најстарите податоци, па сѐ до поновата историја. Со право може да се рече дека страницата е своевидна енциклопедија за Прилеп.
– Освен за Прилеп, тука има податоци за животите на сите значајни прилепчани што го прославиле нашиот град на секое поле, посетителот ќе најде историја за сите стари прилепски фамилии, за старата архитектура, чаршијата, изградбата на градот, податоци за сите цркви и манастири што ги има градот, како и за сите села од прилепската општина и сите позначајни места што ги има таму. Освен тоа, веб-страницата е пребогата со содржини од областа на спортот во Прилеп, културата, музиката и музичките дејци, уметноста и прилепските уметници, прилепското стопанство, индустријата, здравството, занаетчиството, сите културни и спортски манифестации, има изобилство на слики од школските албуми, подредени хронолошки, а вистинска реткост претставуваат и новинарските написи за Прилеп и прилепчани, објавувани низ историјата, речиси низ сите весници и списанија од Македонија и поранешна Југославија – вели Златко Ангелески, еден од администраторите. Веб-страницата е вистински извор на податоци за Прилеп низ војните, опишувајќи ги историските настани и пригоди за секоја епоха посебно, а животот на секој прилепчанец херој, кој учествувал во одбраната на градот од кој било окупатор, е опишан преку слика и збор во објавата за прилепските револуционери.
– Веб-страницата поседува посебни објави за предмети (значки, штембили, печати, етикети, постери) поврзани со историјата на Прилеп, архивски документи, оставини, тапии, свадбарски покани, некролози. Фотодокументацијата најчесто ја добиваме од старите прилепски семејства, од колекционери на стари разгледници и фотографии, од фотоалбуми на поединци, која ја скенираме и текстуално ја обработуваме, по што материјалите им ги враќаме на сопствениците. Многу фотографии се скенирани од весници, списанија и книги, во кои се пишувало за Прилеп, а голем дел од фотографиите ги купуваме од веб-страници, на кои се продаваат стари слики – додава Ангелески, потенцирајќи ја благодарноста до ентузијастите од Музејот во Прилеп, кои штедро помагале и помагаат во формирањето на историјата на Прилеп, како и до вработените на Архивот од Прилеп.
Сепак, најголема благодарност изразуваат до семејствата на Димкаровци, Шабановци, Чумовчани, Чкатровци, до Чалата, Моната, Руското, Белото, Каролина Мицевска, Душко Апостолоски, Горан Ристески, до приватните архиви на „Фото Зрак“, како и до сите прилепчани, кои со добра волја отстапиле огромна бројка фотографии, со цел да бидат обработени и објавени на веб-страницата.
Веб-страницата работи на принцип на самофинансирање.
– Во изминатите десет години, градот и локалната самоуправа ниту се заинтересирале за нашата веб-страница, ниту контактирале со нас, ниту, пак, понудиле некаква финансиска поддршка. Веб-страницата е посетувана не само во Македонија туку и низ целиот свет, од сите земји каде што живеат нашите прилепчани. Тоа е евидентно од статистичките податоци што можат да се следат на самата веб-страница. Освен тоа, нашата веб-страница на многумина им послужила како користен материјал во многу стручни написи, па за нас претставува големо задоволство и сатисфакција, кога ќе видиме во некое стручно дело дека сме цитирани како користена литература. Преку оваа веб-страница се склучија многу нови пријателства, дознавме за многу значајни прилепчани, кои оставиле животен белег за градот, многумина се потсетија на убавите спомени од детството, од школските клупи, за првите љубови, другарувања, првомајски излети, свадбени прослави, славски празнувања, настани и збиднувања што се случиле во Прилеп – потенцира Ангелески.