Фото: Пиксабеј

Долго време се дебатира дали постои идеално време од денот за тренинг. Многу студии имаат различни наоди врз основа на различни фактори и посакувани резултати, но постои општо оптимално време за вежбање. Општ консензус меѓу фитнес-професионалците е дека утринското вежбање е најдобро за повеќето луѓе.
– Вистинското време е важно за енергетскиот баланс на телото и за подобрување на здравствените придобивки од вежбањето – вели Џулин Р. Зиерат, професорка.
Времето кога тренингот ќе биде најефективен зависи од неколку фактори. Фитнес-инструкторката Ел Вермут вели дека е важно секој да избере „време кога ќе се чувствува најмотивирано“.

Вежбањето во различни периоди од денот може да влијае на телото на различни начини бидејќи речиси сите клетки во телото и нивните биолошки процеси се потпираат на деноноќниот ритам. Едно истражување покажа дека вежбањето наутро на празен стомак може да го зајакне метаболизмот и да ни помогне да согориме повеќе калории за време на вежбањето. За слабеење, идеално е да се тренира помеѓу 7 и 9 часот наутро.

Вежбањето доцна наутро може да биде поефективно од вежбањето доцна навечер во смисла на зајакнување на метаболизмот и согорувањето на мастите. Поконкретно, од умерено до енергично вежбање помеѓу 7 и 9 часот е најдобро време за слабеење, покажуваат истражувањата.
Постои студија што вели дека утринските тренинзи најдобро функционираат за жени што сакаат да го намалат крвниот притисок или салото на стомакот, додека вечерните тренинзи се најдобри за жените што сакаат да ги зголемат мускулите на горниот дел од телото, издржливоста или општото подобрување на расположението. За мажите, утринското вежбање помага да се согорат повеќе маснотии, но вечерните тренинзи се подобри за оние што имаат цел да ги намалат крвниот притисок, ризикот од срцеви заболувања и заморот.

Клучот е да се движи телото, без оглед на времето од денот. И покрај науката, фитнес-експертите се согласуваат дека најважниот фактор во планирањето на тренингот е да се најде време што функционира за секој поединец. Ако сакате да видите резултати, клучот е конзистентноста. На крајот, најважно е да го движите вашето тело.