Помина Новата година, полека ги симнувате блескавите новогодишни украси и не ви е јасно зошто ви беше прекинат интернетот за време на празниците. Што се случи и зошто сега ситуацијата е подобра? Експертите објаснуваат дека празничните светла, особено светлечките низи светла, колку и да се убави, можат да предизвикаат сериозни пречки и да ги попречат фреквенциите на кои работат домашните рутери.
Зошто се појавуваат тие нарушувања? Декоративните жичени светла, особено оние со слабо изолирани кабли или нискоквалитетни напојувања, можат да генерираат електромагнетни пречки. Тие пречки влијаат на уредите како што се безжичните интернет-рутери, кои работат на слични фреквенции. Електромагнетните полиња го попречуваат сигналот на рутерот, што резултира со побавно поврзување или дури и испуштање.
– Ако светлата се блиску до рутери или интернет-кабли, можно е да се создадат пречки што влијаат на квалитетот на врската – објаснува Џејмс Хакет, технолошки експерт.
Со правилна инсталација и избор на квалитетни производи, можете да обезбедите стабилна мрежа за целото семејство – без разлика дали за работа оддома, за пренос на вашите омилени филмови или за видеоповици со саканите.
– Во овој период од годината треперливите светла се насекаде – на вашата елка и околу вашиот дом. Неколку светла можеби нема да имаат голем ефект, но кога имате стотици од нив, нивните ефекти може да се засилат, потенцијално предизвикувајќи пречки со вашиот сигнал за вај-фај – изјави портпаролот на „Зен“, британски давател на интернет-услуги.