Три лица украле ајкула од Аквариумот во Сан Антонио, Тексас, ја завиткале во ќебе и ја ставиле во количка за бебе, по што мирно го напуштиле објектот.

Оваа необична кражба ја забележале сигурносните камери, а во видео-снимката која излезе во јавноста јасно се гледа дека во кражбата учествувале три лица, двајца мажи и една жена.

На снимката може да се види како еден од крадците се доближил до малиот базенот во кој посетителите може да ги галат малите ајкулите. Тој од малиот базен извадил мала ајкула и ја завиткал во мокро ќебе, по што ја ставил во количка за бебе. Потоа со количкната спокојно го напушта објектот. Во тој момент со него тргнал уште еден маж. Сето тоа го забалежел вработен во Аквариумот, кој веднаш ја известил менаџерката Џејн Спелмен.

Таа, како што пишува „Дејли меил“, тргнала накај паркингот каде што биле крадците, кои ајкулата, како што покажуваат другите камери, ја ставиле во кофа со вода и ја сокриле во камионот со кој што биле.

Крадците не и дозволиле да го прегледа камионот, тврдејќи дека внатре има болно дете кое мора итно да го однесат на лекар.

Едниот од крадците веднаш избегал со возилото, додека еден бил уапсен од полицијата, по што признал што се случило.

Полицијата подоцна го пронашла возилото и трага по мажот и жената кои учествувале во оваа необична кражба.