Трчањето на долги растојанија не предизвикува трошење на зглобовите што доведува до артритис на колената или колковите, сугерира голема студија спроведена на маратонци.
– Овие резултати се во спротивност со долго воспоставената догма дека трчањето го зголемува ризикот од развој на артритис на колкот или коленото – велат истражувачите.
Тие направија анкети на приближно 38.000 тркачи регистрирани за маратоните во Чикаго во 2019 и 2021 година и добија пополнети анкети од речиси 4.000 лица. Просечната возраст на тркачите беше 44 години. Половина од тркачите завршија повеќе од пет маратони. Севкупно, 7,3 проценти пријавиле остеоартритис на колкот или коленото, или и двете.
– Тркачите што пријавиле артритис на своите зглобови имале поголема веројатност да имаат историја на повреда на коленото или колкот на постара возраст, семејна историја на артритис и повисок индекс на телесна маса – рече д-р Метју Хартвел од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, на годишниот состанок на Американската академија на ортопедски хирурзи (ААОС) во Лас Вегас.
Истражувачите откриле дека кумулативниот број на години трчање, бројот на завршени маратони, неделната километража и просечното темпо на трчање не се поврзани со веројатноста за артритис, пренесува „Ројтерс“.
– Овие наоди можат да ги користат здравствените работници за да ги информираат пациентите за ризиците и придобивките од трчањето, како основа за преиспитување на постојните упатства за трчање и здравје на зглобовите – заклучија истражувачите.