Фото: ЕПА

Започна Берлиналето

Меѓународниот филмски фестивал во Берлин (Берлинале) започна со светската премиера на филмот „Светлината“ во режија на Том Тиквер. Свеченото отворање го водеа директорката на фестивалот, Триша Татл, и претседателот на жирито, Тод Хејнс. Вечерта беше одбележана со говор на актерката Тилда Свинтон, на која ѝ беше доделена почесна „златна мечка“ за нејзиниот придонес во филмската уметност.
– Нехуманоста се случува пред нашите очи. Овде сум да го истакнам ова јасно и без двоумење, да ја изразам мојата непоколеблива солидарност со сите што ја препознаваат неприфатливата рамнодушност на нашите влади опиени со алчност, кои ги помилуваат уништувачите на планетата и воените злосторници, без разлика од каде доаѓаат – рече актерката.
Иако таа не именуваше ниту еден политичар, се претпоставува дека критиките биле насочени кон актуелниот американски претседател. Во своето петнаесетминутно обраќање, таа ги истакна и доблестите на Берлинале и додаде дека се смета себеси за жител на „голема независна кинематографија“, каде што инклузивноста е најважна.
За време на церемонијата на отворањето, Свинтон се осврна и на нападот што се случи во Минхен кога Авганистанец влета со автомобил во толпа луѓе, при што беа повредени најмалку 30 луѓе. Исто така, неколку филмаџии го бојкотираа годинашниот фестивал поради неговото справување со прашањето за Газа, а недалеку од местото на отворањето на Берлинале, неколку демонстранти протестираа со натписи „Слободна Палестина“.
Годинава во главната конкуренција ќе бидат прикажани 19 филма од 26 земји, кои ќе се натпреваруваат за златна и сребрена „мечка“. Берлиналето ќе трае до 23 февруари, а победниците ќе бидат објавени на претпоследниот ден од фестивалот.