Покрај откривањето присуство на рак, тестот „галери“ може да идентификува цврсти тумори во ткивата, како што се дојката, црниот дроб, белите дробови и дебелото црево, но открива и карциноми на крвта, како и рак на јајниците и панкреасот, кои обично се откриваат во доцна фаза и имаат ниска стапка на преживување

Едноставен тест на крвта може да ја забрза дијагнозата на околу 50 вида рак, сугерира новото истражување.

Резултатите од испитувањето на британската национална здравствена служба, објавени на најголемата светска конференција за рак во САД, покажуваат дека тестот на крвта „галери“ има потенцијал да го забележи или исклучи ракот кај луѓето со симптоми. Тестот открива ситни фрагменти од ДНК на туморот во крвотокот, ги предупредува лекарите дали е откриен сигнал за рак и предвидува од каде во телото потекнува тој сигнал.

Покрај откривањето на присуство на рак, тестот „галери“ може да идентификува цврсти тумори во ткивата, како што се дојката, црниот дроб, белите дробови и дебелото црево, но открива и карциноми на крвта, како и рак на јајниците и панкреасот, кои обично се откриваат во доцна фаза и имаат ниска стапка на преживување.

Експертите ги поздравија наодите од испитувањето, но рекоа дека ќе бидат потребни повеќе истражувања пред тестот, направен од калифорниската компанија „Граил“, да се вклучи во системите за здравствена заштита.

Студијата „Симплифај“, спроведена од универзитетот „Оксфорд“, опфати 5.461 лице во Англија и Велс, кои беа упатени во болница од нивниот матичен лекар поради сомневање за рак. Резултатите од студијата беа презентирани на годишниот состанок на Американското здружение за клиничка онкологија во Чикаго.

Тестот „галери“ правилно откри две третини од ракот во студијата. Во 85 проценти од тие позитивни случаи, тој исто така можел да го одреди првобитното место на ракот.

Тоа беше попрецизно кај постари пациенти и кај оние со напреднат карцином, стои во резултатите од испитувањето.
– Тестот има потенцијал да идентификува тумор кај луѓе што одат кај својот матичен лекар и во моментот не се упатени на итен скрининг за рак на кои им треба тестирање – вели Марк Мидлтон, професор по експериментална онколошка медицина на „Оксфорд“, кој го водеше испитувањето.

Тој додава дека тестот, веројатно, би можел да ја забрза дијагнозата каде што не е сигурно кој начин на брза дијагноза е вистинскиот, како и да го намали вкупниот број тестови потребни за дијагноза на рак.
– Ова е важна студија што покажува дека се приближуваме до ера кога тестот на крвта за рак, заедно со другите тестови кај симптоматските пациенти, може да влијае на раната дијагноза и значително подобрување на клиничкиот исход – вели Лоренс Јанг, професор по молекуларна онкологија на универзитетот „Ворвик“.

Д-р Ричард Ли, од Институтот за истражување на ракот во Лондон, рече дека тестирањето на пациентите со симптоми потенцијално индикативни за рак може да помогне да се овозможи побрзо дијагностичко тестирање кај оние што се сметаат за изложени на висок ризик.
– Ова може да доведе до рана дијагноза на рак или побрз негативен резултат за оние без рак – додаде тој.

Професорот Николас Тарнер, исто така од Институтот за истражување на ракот, рече дека студијата обезбедила вредни податоци што додаваат докази дека течните биопсии на крвта може да се користат за побрзо дијагностицирање на ракот кај симптоматските пациенти. Во иднина би можело да биде корисно пациентите брзо да се упатуваат на клиники за итни случаи, особено кај луѓе со неубедливи наоди на снимање.
– Наодите од студијата сугерираат дека овој тест може да се користи за поддршка на матичните лекари во донесувањето клинички процени, но потребни се многу повеќе истражувања во поголем број испитувања за да се види дали може да го подобри расудувањето на лекарите и на крајот, резултатите од третманот на пациентот – вели д-р Дејвид Кросби, раководител на истражувања за превенција и рано откривање рак во Велика Британија.

Британската национална здравствена служба го користела тестот „галери“ и на илјадници асимптоматски луѓе за да види дали тестот може да открие скриен рак. Резултатите се очекуваат подоцна оваа година. Доколку биде успешен, се планира тестот да се примени на околу еден милион луѓе.