Фото: Принтскрин/Јутуб

Тејлор Свифт ја освои наградата „греми“ за албум на годината, со нејзиниот „Midnights“ од 2022 година, со што стана изведувачка со најмногу одличја во таа категорија. Ова нејзе ѝ е четврто „греми“ за албум на годината.

– Би сакала да кажам дека ова е најдобриот миг во мојот живот, но се чувствувам среќна кога создавам песна. За мене вистинската награда е трудот. Сѐ што сакам е да можам да продолжам да го правам ова што го работам. Тоа ме прави многу среќна – изјави Свифт по добивањето на признанието.

Поп-пејачката притоа објави дека во април ќе го издаде и својот 11-ти албум, насловен „The Tortured Poets Department“.

Оваа година таа имаше шест номинации за престижната награда Греми: За албум на годината, песна, снимка на годината, соло поп-изведба, поп-дует или групна изведба и поп-вокален албум.

За песна на годината е прогласена баладата „What Was I Made For?“ во изведба на Били Ајлиш, а пак, Мајли Сајрус доби „Греми“ за снимка на годината, за песната „Flowers“. Ар-ен-би и поп-пејачката Викторија Моне е прогласена за најдобра нова изведувачка. „Греми“ наградите се доделуваат во повеќе од 90 категории, а победниците ги избираат музичари, продуценти и други лица членови во американската Национална академија за музички науки и уметности.


Килер Мајк уапсен откако освои три награди

Раперот Килер Мајк, чие вистинско име е Мајкл Рендер, е уапсен на доделувањето на наградите „греми“ откако освои три признанија, соопшти полицијата во Лос Анџелес.

Во видеото што кружи на интернет, Мајк со лисици на рацете е однесен од полицајци од салата каде што се доделуваа наградите. Портпаролот на полицијата, Мајк Лопез изјави дека раперот бил уапсен по расправија на самото место.

На 66-тото доделување на „Греми“ наградите, тој ги доби одличјата за најдобар рап-албум за „Michael“, рап-изведба и рап-песна за „Scientists & Engineers“.

Музичарот е пуштен на слобода и треба да се појави пред судот на 29 февруари.