Поуки за плурализмот во медиумите

Информацискиот бум и динамичните промени во комуницирањето во медиумите и низ бескрајот на социјалните мрежи интензивно влијаат на нашето секојдневие, при што се менуваат, разјаснуваат и формираат и нашите сфаќања за тие процеси.
Најпрвин неколку реда за две различни концепции. Едната е онаа во која демократското општество поседува средства што би можеле на некој разумен начин да бидат ползувани во политиките и управувањето, а информациите би биле достапни и бесплатни за сите. Другата концепција е онаа во која информациите се строго контролирани и јавноста е спречена во управување со своите дејности. Во раната фаза на информацискиот подем преовладува втората концепција
Субјектот – консумент е во непосредна близина во еден силно транспарентен свет и е изложен на секојдневен бараж од инстант слики и информации, тој станува чист екран на чистата апсорпција и реапсорпција на влијателните мрежи. Со други зборови, поединецот во современиот свет станал еден ентитет затруен од влијанието на медиумите, технолошкото искуство и хиперреалноста.
Денес улогата на медиумите во генерирањето општествена моќ и власт и понатаму е важна, но просторот на протагонистите носители на дејноста журналисти во голема мера е стеснет и тие се обезмоќени во процесите на носење одлуки. Одлучувањето е префрлено надвор од нивните раце и уредничките ингеренции. Копирањето и репроцесирањето сервирани информации стануваат доминантен модел во нивната работа. Па, така, новинарите наместо да ѝ помагаат на јавноста, да ги надгледуваат и контролираат носителите на одлуките, стануваат предмет на контрола на моќниците и средство за пропаганда. Ваквиот драматичен пад на угледот на новинарите и медиумите се вклопува во постмодерните трендови на изразен скептицизам и губење верба дека е воопшто можно пронаоѓањето на вистината. Од прокламираната позиција на глас на јавноста, најголем дел медиуми се претворени во глас на моќниците. Во таквите драматични преобразби и околности новинарите го загубија приматот во процесот на собирање и креирање информации. Нивната улога од „примарни собирачи и толкувачи на информациите“ е видоизменета, при што и самите тие стануваат „учесници на динамичниот пазар на информации“. Тие и понатаму ја задржуваат позицијата на најподготвени учесници во овој пазарен натпревар, но голем дел од нивните доскорашни референции и предности снемува.

Во ерата на апсолутна медијализација, менаџирањето на јавните информации повеќе не е функција или привилегија само на новинарите, кои од општествена група што има овластувања, средства и знаења да собира и дистрибуира информации, постапно станаа еден од неколкуте извори и значајни фактори во процесот на креирање и ширење информации. Професионалната новинарска информација јавноста или не ја препознава или не ѝ придава доволно значење.
Во дигиталната комуникациска ера настанаа крупни промени на начините како се оформува јавното мислење. Процесот на негово создавање сега е децентрализиран и дифузиран, така што, покрај масовните медиуми, сега креирањето на јавното мислење вклучува разни нови форми и платформи на електронска и мобилна комуникација, интернетот, социјалните мрежи и редица други. Брзината и промените во структурата на протокот на информации, од „еден кон многу“ во „секој кон секого“ и ноторниот факт дека тие (информации) се лесно достапни секаде и за секого, силно влијае врз позицијата на новинарството, која е поткопана и разнишана.
Јавноста, која претходно беше пасивно и аморфно мнозинство што ги апсорбира информациите од медиумите и креаторите на јавното мислење, се трансформира во сложена мрежа на поединци и групи поврзани на различни нивоа. Овие нови чинители во процесот на јавното мислење се своевидни клучки во протокот на информации, клучки што примаат, преработуваат, насочуваат и го забрзуваат протокот на информации низ комуникациската мрежа. Комуникациските врски се оформуваат, засилуваат или прекинуваат во динамичен процес. Професионалните медиуми го задржуваат приматот на главни генератори на содржини, но во голема мера ја загубија улогата на т.н. gate keepers, односно филтри за информациите што се уфрлаат или исфрлаат од комуникациската мрежа.
Не е никаква тајна дека медиумите отсекогаш биле под контрола на политичките и економските центри на моќ.

Во сите епохи уредувачката политика се обликувала и се обликува според одредени желби, визии на моќниците и во зависност од тоа кој како се определил, таква уредувачка политика води. Ноторен факт е дека со медиумите низ целата Гутенбергова, а особено сега во дигиталната ера, се раководело, управувало директно од канцелариите на центрите на моќ, мултинационалните корпорации, конзорциумите. Во сите епохи уредувачките политика се обликувала и се обликува според одредени желби, визии на моќниците. Токму тоа се центрите од кои се одлучува кои информации ќе бидат пласирани, кои прашања смеат да им се постават, а кои не смеат да им се постават на државните функционери, богатите… Така е тоа во традиционалните медиуми.
Што понатаму? Има ли надеж? Дали традиционалните медиуми ќе опстојат и ќе успеваат да бидат објективни, етични и ќе можат да ѝ се спротивстават на глобалната корпорациска свест.
Се наѕира нов вид поимање на жанровите, дејностите, а и на журнализмот во целост. Во тек е силен процес на редефинирање и проширување на онтолошката рамка на новинарството како глобален поглед што ја детектира и следи стварноста. Голема е веројатноста журналистичката дејност да се трансформира, преобликува од традиционалното перципирање и известување во иновативен мултимедијален процес, транснационална експанзија комплетно преселена во кибер-просторот, на интернет и редица нови технолошки алатки. Клучната одлика на нова комуникациска ера е вмреженоста, каде што протокот на информации сега е повеќенасочен и сите активни чинители имаат можност рамномерно да примаат, креираат и да дистрибуираат информации.
И, се разбира, секогаш треба да се има на ум дека и во развиениот свет медиумите живеат или умираат според тоа колку и како ѝ служат на широката заедница и според степенот на доверба што го генерираат, без оглед на карактерот, типот и жанрот на материјалот, кој и онака секогаш може да се монтира, преуреди, дотера, презентира – според потребите.

Аљоша Симјановски