Тимот што стои зад проектот за приватната вселенска станица Старлаб официјално потврди дека ја избрал ракетата „Старшип“ на „Спејс-екс“ за својата мисија.
– „Спејс-екс“ има историја на успешни и сигурни лансирања, така што нашиот тим го избра „Старшип“ за испраќање на Старлаб во орбитата. „Спејс-екс“ е лидер во лансирањето и ние сме горди што „Старшип“ само со еден лет ќе биде испратен на Старлаб во орбитата – рече Дилан Тејлор, претседател и извршен директор на компанијата „Војаџер спејс“.
Сепак, во најавата нема датум за лансирање, но програмерите на Старлаб, како и американската вселенска агенција НАСА, сакаат комерцијалната станица наменета за четири лица да биде оперативна пред 2030 година, кога се очекува Меѓународната вселенска станица (ISS) да се пензионира.
НАСА со години го охрабрува развојот на приватни станици за нејзините астронаути да имаат место за живеење и работа во ниската орбита на Земјата долго откако ќе заврши нивната служба на Меѓународната вселенска станица.
Во декември 2021 година, агенцијата објави дека ќе им додели вкупно 415 милиони долари на три различни компании, „Блу ориџин“, „Наноракс“ (дел од „Војаџер спејс“) и „Нортроп Граман“, за да помогнат во развојот на нивните концепти за комерцијална вселенска станица. НАСА исто така има посебен договор со „Аксиом спејс“ со седиште во Хјустон, кој управува со своја приватна вселенска станица.