Фото: Пиксабеј

Американската компанија „Спејс-екс“, користејќи ја својата ракета „Фалкон 9“, ги лансира првите сателити што ќе овозможат поврзување на мобилните телефони директно со соѕвездието Старлинк без инфраструктура на Земјата.
„Спејс-екс“ ја започна новата година со голем удар, лансирајќи вкупно 21 сателит „Старлинк“ со помош на ракетата „Фалкон 9“ од вселенската база Ванденберг во Калифорнија, означувајќи го почетокот на функцијата директно до мобилен телефон (ДТЦ) на шест сателити.
Функцијата ДТЦ ќе им овозможи на мобилните телефони директно да се поврзат со сателитите „Старлинк“ без потреба да користат инфраструктура на Земјата. Така, корисниците ќе можат да пристапат до услугите за глас, текст и податоци од каде било на планетата, дури и во оддалечените области и подрачја погодени од катастрофи.
Претходно, „Спејс-екс“ доби дозвола од американската Федерална комисија за комуникации (ФЦЦ) да спроведе пилот-проект за својата мобилна услуга „Старлинк“. Проектот ќе ја тестира употребата на сателити за да обезбеди пристап до интернет до паметните телефони низ САД користејќи го спектарот на „T-мобиле“ за испраќање податоци до немодифицирани мобилни телефони на Земјата преку сателитите „Старлинк“.

ФЦЦ му додели на „Спејс-екс“ привремена специјална експериментална дозвола за период од 180 дена, или до 14 јуни оваа година, а тоа дојде неколку дена откако компанијата доби делумно одобрение за воведување мобилна услуга „Старлинк“. Меѓутоа, првото одобрение не му дозволи на „Спејс-екс“ да врши други тестови, освен проверка на функционалноста на антените на сателитот. „Спејс-екс“ првично планираше да ја лансира оваа мисија во средината на декември, но техничките проблеми доведоа до одложување.
Основачот на „Спејс-екс“, Илон Маск, изјави на Х дека ДТЦ претставува масовна промена што ќе го елиминира проблемот со „мртвите зони“. Тој, исто така, појасни дека функцијата ДТЦ не е дизајнирана да се натпреварува со постојните копнени мрежи, бидејќи поддржува само околу седум мегабити во секунда по зрак, а зраците биле многу големи.

Од „Спејс-екс“ соопштија дека функцијата ДТЦ ќе им овозможи на мобилните мрежни оператори низ светот да обезбедат беспрекорен глобален пристап до пораки, јавувања и сурфање на интернет на копно, езера и крајбрежни води.
Мобилните телефони нема да ја „откријат“ разликата доколку се поврзат со сателитите, бидејќи ќе се користи истата технологија што е стандардна во индустријата и која се користи за копнени мрежи.