Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Коледарската песна која уште рано утрово одекнуваше во сите домови, го најави Божик.

Денеска е коледе, утре е Божик, изутринава се слушаше пред сечија врата.

Првите весници на празникот се децата коледари. А весник или гласник значи ангел. Тие се нашите земни ангели. Коледарите со песна и торби во рацете го најавија Христовото раѓање.

Костени, ореви, јаболка, бонбони и по некоја паричка. Најмладите ги ширеа торбите, а домаќините го испочитуваа обичајот што се негува со години. Ги даруваа коледарите за прекрасната вест што им ја носат.

Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Според македонските обичаи, славењето на божикните празници започнува на 5 јануари. Вечерта спроти Бадник, првите коледари го палат коледарскиот оган и притоа се пеат песни, се игра и се пие греана ракија. На тој начин се „бркаат“ злите духови од земјата. Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледица. И денес, како и во минатото, во селата и во градовите во сите краишта на Македонија помали или поголеми групи деца палат оган и го прескокнуваат.