фото: НМ

Финалето на регионалната турнеја, насловена „Индекси и пријателите“, организарана по повод 60-годишнината од основањето на овој култен сараевски поп-рок бенд од страна на компанијата „Мјузик тајм“, заврши вчеравечер во преполата сала на Македонската филхармонија во Скопје.

Иден творец на коцнертот е продуцентот Томислав Кашљевиќ, кој во изминатите 15 години организирал 25 концерти посветени на „Индекси“ на просторот на некогашна Југославија.

А во Скопје голем број некогашни обожаватели на „Индекси, кои растеа со нивните незаборавни песни, но и помлада публика, која за групата слушнала од своите родители, уживаа во атмосферата која искреше од емоции. Меѓу присутните беа и претседателот Стево Пендаровски и неговиот претходник Ѓорѓе Иванов, министри, познати јавни личности, музичари, новинари, љубители на добра и квалитетна музика, која очигледно го положи тестот на времето.

А на сцената историја, ги видовме и слушнаме некогашните членови на групата, од основачите, кои се во осмата деценија, но со жар како на почетоците, до оние кои биле нејзини членови извесен период, а песните ги пееја познати пејачи од целиот регион.

Од различни краеви на светот дојдоа живите членови на бендот: Фадил Реџиќ, Нено Јурин, Мирослав Шарановиќ, Пецо Петеј, Владо Правдиќ, легендарниот клавијатурист на „Бијело Дугме“, кој музичката кариера ја започна во „Индекси“ и гитаристите Мурис Варајиќ и Иван Кукиќ, кој беше единствен Македонец меѓу нив.

фото: НМ

Повеќе од два часа песните на „Индекси“ ги пееја млади, но и веќе докажани пејачи: Дадо Топиќ, кој беше бурно поздравен од скопјани, Нено Белан, Дино Јелушиќ, Нермин Пушкар, Бојана Стаменова, Саша Драгаш, Амел Чуриќ и Дејан Цукиќ, кој беше и домаќин на вечерта, па нѐ потсети на историјатот на групата, на првите концерти, успеси, награди, но и на нејзините членови кои не се веќе меѓу нас: Слободан Бодо Ковачевиќ, Ѓорѓе Кисиќ, Недо Хаџихасановиќ, Ѓорѓе Новковиќ, Корнелие Бата Ковач, ненадминатиот пејач Даворин Поповиќ, по чија смрт во 2001 година, групата престанува да постои.

По споменуавњето на неговото име, сите во салата станаа да му оддадат почит на големиот „Пејач“, како што беше и неговиот прекар. Последниот настап на „Индекси“, најдолговечната босанска поп-рок група се случил во Бања Лука на 5 мај 2001 година. Објавиле два студиски албуми, 27 синглови, 12 компилациски албуми, а многу нивни песни не се објавени на носач на звук. Стилски тие се движат од психиделик-рок, симфо и џез рок, па сѐ до комерцијален поп. Можеби ќе беше убаво како на концертите во другите градови да има видеобим со фотографии од „Индекси“, но кај нас тоа изостана.

Концертот го почна младиот пејач од Хрватска Дино Јелушиќ, познат и како нов член на легендарната светска група „Вајтснејк“ со песната „Плима“, а одушевувањето на публиката сѐ повеќе се засилуваше со секој нареден настап, како што беше сѐ посилен и аплаузот. Жељка Катавиќ-Пиљ, која своевремено им ги пеела придружните вокали и на „Индекси“ ја отпеа „Поздрави Соњу“, а Саша Драгаш ја исполни „У једним плавим очима“.

Бурно беше поздравен познатиот хрватски музичар Дадо Топиќ кој ја изведе „Снијег паде на бехар на воќе“, со примеси на балкански етно звук. Подоцна тој со Жељка ја испеа и песна напишана за Даворин Поповиќ.

Младиот Амел Ќуриќ во два наврати се претстави со „Испили смо златни пехар“ и легендарната „Да сам ја нетко“. Тојврече дека е првпат во Скопје, и е одушевен од реакциите на публиката. Во текот на концертот, сите учесници изјавија дека атмосферата на концертот е прекрасна, па падна и „селфи“ со публиката.

Српската поп-соул пејачка Бојана Стаменов најпрво ја испеа „Жуте дуње“, а по неа Нермин Пушкар го слушнавме со „Негде на крају у затишју“ и „Јутро ќе променити све“. Неговите изведби некако беа најблиски до звукот на оригиналите „Индекси“. По инструменталката „Острово“, Дејан Цукиќ ја долови нежната „Балада“….

И се редеа вечно зелените хитови, Нено Белан сите ги разигра со „Све ове године“, а Дино Јелушиќ за крај маестрално ја отпеа песната „Свијет у коме живим“.

Сепак, откако сите учесници повторно застанаа на сцената бурно поздравени од одушевената публика, како подарок Дадо Топиќ и колегите, со хорот од сите присутни во салата ја отпеаја неговата вечна песна „Македонија“.

М.Т.