Педесетина штипски гитаристи и фанови на Влатко Стефановски на возраст од 7 до 77 години вчера се собраа во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, со цел сите заедно да ја изведат неговата култна песна „Чукни во дрво“ и на тој начин да му го честититаат денешниот роденден на нашиот гитарски виртуоз. Видеото ни го испрати познатиот гитарист од Штип, Ивица Јорданов, кој е и иницијатор за реализирање на оваа прекрасна идеја. Тој е член на групите „Морал“ и „Тајфата“, кој своето знаење со години им го пренесува и на помладите.
Со овој гест тие сакаа да му посакаат здравје, среќа и уште многу музика и концерти и да му покажат колку го почитуваат и се гордеат со него, зашто како што велат неговото музичко творештво е огромно.
– Уште пред две години сакав на ваков начин да му го честитам роднденот на Влатко Стефановски, нашиот гитарски виртуоз, но поради пандемијата и други случувања околностите се сменија. Тогаш сакав целата негова Мексичка улица во Скопје да ја преплавам со гитаристи. Но ете, среќен сум што и сега, заедно со моите штипјани направивме нешто навистина убаво. Само со едно јавување, се рашири веста со брзина на светлината и во салата на Домот на културата „Ацо Шопов“ вчеравечер почнаа да доаѓаат вљубеници во гитарата од сите генерации. Позитивната енергија сите ја почувствуваа веднаш, зашто се желни за свирење, настапи, дружби. .. Особено беа среќни најмладите, некои од нив првпат се сретнаа, иако се пријатели на социјалните мрежи. Така и мојот 15-годишен син Божидар имаше можност да се види во живо со голем број негови истомисленици и љубители на музиката – ни рече Ивица Јорданов.
Тој дополни дека луѓето треба да ги почитуваме, да ги радуваме и усреќуваме додека се тука меѓу нас.
– Јас така живеам, сакам да им покажам на луѓето дека ги ценам додека се живи и да им се заблагодарам за сешто направиле досега, како што е и случај со оваа музиочка честитка до Влатко Стефановски – вели тој.
Ивица ни откри и дека планира, заедно со штипските музичари да иницира низа активности со кои повторно Штип ќе стане град на музиката и културата. Во план е организирање музички работилници, настапи, концерти…
Во име на редакцијата на „Нова Македонија“ му го честитаме денешниот роденден на Влатко Стефановски, со желби од неговата гитара да прозвучи уште многу музика. М.Т.