Една од најпопуларните и најуспешни серии на „Нетфликс“, „Игра со лигни“, ќе ја добие својата втора сезона. Стриминг-платформата официјално започнува со снимање на втората сезона од оваа драма за преживување од 2021 година, откри коизвршниот директор Тед Сарандос.
Сарандос ја сподели веста кога беше прашан за иднината на корејската серија, по навестувањата од членовите на актерската екипа и режисерот Хванг Донг-Хјук дека „Игра со лигни“ ќе добие втор дел.
Потврдата за новата сезона на серијата доаѓа откако „Нетфликс“ ја прогласи „Игра со лигни“ за најпопуларна оригинална серија на сите времиња.
„Нетфликс“ минатата есен откри дека во првите 28 дена серијата достигнала 111 милиони обожаватели, а откри и дека „Игра со лигни“ собрала 1,65 милијарда часови гледаност во првите четири недели, што е двојно повеќе од нивната втора серија „Бриџертон“.
На настанот за прославување на успехот на серијата минатата година, Хванг рече дека веќе работи на план за втората сезона.
– Да, мислам дека по овој огромен успех мораме да направиме нешто за втората сезона. Има големи очекувања од втората сезона. Поради толку голем успех на првата сезона, чувствувам дека се изградени многу очекувања, па ќе биде тешко да се исполнат – изјави тој.
За потсетување, „Игра со лигни“ е дистописка серија во која натпреварувачите на кои очајно им требаат пари играат смртоносни детски игри за да добијат парична награда.