Дебата за еколошки транспорт во ЕУ-Скопје

„Европски зелен договор: обезбедување ефикасен, безбеден и еколошки транспорт“ е насловот на дебатата инспирирана од тековната изложба „Розови тигри и златни гуштери и што уште не“, која се одржа во резиденцијата на Европската Унија во Скопје. Студенти, експерти од областа и претставници на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „Св. Климент Охридски“ ги споделија своите искуства, знаења, но и перспективи како во нашата земја да стигнеме до поодржлив транспорт. Да се издигне свеста за нашата околина, повеќе да се користи велосипедот како превозно средство, да се подобри патната инфраструктура, како и јавниот транспорт за да се намали загадувањето, но и да се воведат поригорозни правила за увоз на стари возила, се дел од заклучоците на дебатата.
– Ако имаме подобри патишта, ќе добиеме побрз транспорт, помалку штетни емисии, ќе се намали времето на патување, а тоа се реални придобивки. Во секое домаќинство имаме премногу возила, колку членови – толку возила. Апелираме да се намали нивниот број. Мораме да почнеме со тоа што го имаме и што е реално да се прави. Треба да се оди чекор по чекор, да се едуцираме да знаеме што се придобивките од одржлив транспорт. Ние сите упорно користиме автомобили, правиме сообраќаен метеж и кога не треба – велат студентите и експертите на дебатата.
Во Македонија годишно се увезуваат во просек по 40.000 возила. Во 2021 година сме имале околу 500.600 возила, од кои 55 проценти се дизел, 43 проценти се бензин, а само 3 проценти користат алтернативно гориво, вели Пеце Андоновски од Министерството за економија. Општина Велес беше издвоена како позитивен пример за преземање вистинска мерки за намалување на сообраќајниот хаос и на големото загадување, благодарение и на вклучувањето на општината во европски проекти.
Се постави и прашањето дали електричните возила се иднината во нашата земја и можно решение на намалувањето на загадувањето. Според Дарко Мицески, раководител на сектор за ЕУ, хибридните возила како преодна фаза се можеби најоптимални во овој период за нас. Tие користат многу помалку гориво, а функционираат на хибриден режим на работа, кој не загадува колку класичните моторни возила. Младиот европски амбасадор Филип Миленкоски повика да се подобри велосипедската култура, а посочи дека се дискриминирани студентите на приватните универзитети бидејќи не добиваат бесплатен автобуски превоз.
За деканот на Машинскиот факултет, Дарко Данев, ние сè уште не сме дораснати да зборуваме за електричните возила, кои, според него, се „класична демагогија“, најмногу затоа што начинот на кој се создаваат воопшто не е еколошки.
– Транспортот е мултидисциплинарна приказна, сите учествуваме и сме консументи. Имам впечаток дека домашното воспитување исчезна и на тоа мора многу да се работи. Ние немаме почит кон ништо и никаква одговорност. И самиот знам да паркирам пред автобуска постојка, не почитувајќи го притоа возачот на автобусот, ни другите учесници во сообраќајот. Мора да работиме на сообраќајната култура, особено со децата од најмала возраст – вели Данев.