Дебата во ЕУ
Климатските промени се тема на втората од дебатите инспирирани од тековната изложба „Розови тигри и златни гуштери и што уште не“, која се одржа во резиденцијата на Европската Унија во Скопје. Климатските промени и што по нив – беа во фокусот на разговорите, овој пат инспирирани од делото „Бијонд: рептилс 2021“ на уметникот Велимир Жерновски, еден од шестемина автори вклучени во поставката што е отворена во резиденцијата до 20 мај. Изложбата ја организира Делегацијата на ЕУ во соработка со галеријата „Акантус“.
Акцентот е ставен на инсталацијата на Жерновски – 3Д-принт изработен од акрил и златни ливчиња. Инсталацијата има иконографски пристап и секвенционира надреалистични претстави на гуштери од видот леопард геко. Претставите на гуштерите се продукт на реупотреба на материјали од пластичен отпад и од пченкарни лисја. Аранжирани на црна заднина, кружно, ја претставуваат математичката бесконечност.
Претставниците на институциите и на невладиниот сектор отворија конструктивна дебата за состојбите на локално и на централно ниво во земјава, што прават граѓанските организации, какви се обврските кон меѓународната заедница и конвенциите што нашата земја ги има ратификувано.
– Климатските промени и Зелениот договор го засегаат целото општество, но, за жал, проблемите секогаш се адресираат до Министерството за животна средина и просторно планирање. Малкумина прашуваат како ние се справуваме со проблемите во однос на капацитетот на кадарот, креирањето, предлагањето и туркањето политики. Неопходна ни е инфраструктура – административна поделеност, делегирана должност, ангажирање писмен кадар на национално и на локално ниво. И најважно од сè, државата да реши дека Зелената агенда ѝ е приоритет за да се креираат мудри политики базирани на наука. Да не си замислуваме желби што ќе ги ставаме само на хартија и таму ќе останат, туку реално да се оцени ситуацијата и да се креираат политики што ќе бидат одржливи. Свесни сме за слабостите – вели Теодора Грнчаровска, државна советничка во Министерството за животна средина и просторно планирање.
Според Чоловиќ-Лешоска, 70 отсто од енергијата што ја користиме се добива од термоелектричните централи. Кога тие работат без филтри, се зголемува нивото на сулфур диоксид и јаглерод диоксид, загадувањето на воздухот е огромно, не може да се контролира и се шири и во земјите од соседството. Решението е во трансформација на енергетскиот систем, наместо фосилни горива, да се користат обновливи извори на енергија.
„Екосвест“, Македонската академија на науките и уметностите и „Д нејчр консерванси“ веќе работат на изработка на ГИФ-карти што ќе ги покажуваат најпогодните места за поставување фотоволтаици и ветерници. Следниот чекор е изработка на ГИФ-карти за неплодни земјишта.
Сите застапени уметници на изложбата подолго време во своето творештво третираат прашања поврзани со планетата, здравата животна средина, климатските промени. Актуелните дела се резултат на нивните претходни уметнички истражувања, вели кураторката на изложбата Дијана Томиќ-Радевска.
– Гуштерите и нивната способност да се регенерираат се тајна што научниците допрва ќе ја откриваат. Изложбата е апел да се замислиме што сме направиле, кои сме ние, супериорниот вид на Земјата, и како ги заборавивме законите на природата? Ние ја гориме библиотеката на животот – рече Томиќ-Радевска.
Модераторката Мила Јовановска од организацијата „Биди зелен“ заклучи дека можеби нештата кај нас се случуваат бавно, но свеста на јавноста е разбудена за климатските промени.
– Ако пред 20 години било проблем да зборуваме за климатски промени, денес дебатираме на оваа тема. Мора да се надеваме дека свесноста ќе влијае да спречиме поголема еколошка деградација – посочи Мила.