Во неформалниот простор „Кафе и филм Котур“ се одржа проекција на нови танцови филмови, како дел на проектот на колективот „Танц бункер – платформа за независен танц“, под насловот „Поп ап“. Беа прикажани два краткометражни уметнички филма како дел од проектот уметничка резиденција и филм на темата „Тело во фокус“: „Треспесинг мкд“ во режија на Адријана Данчевска Ровчанин, која е авторка на концептот во соработка со кореографот Дејан Битровски, и „Лим“ во режија на Батухан Ибрахим и кореографија Ивана Балабанова.
За „Треспесинг мкд“ авторите ќе нагласат дека е експериментален современ танцов филм што ја истражува темата натеспесинг – во буквална, но и метафорична смисла, не само преку физичките граници на телото туку и преку идентитетот на танчарите. Филмот ни открива како телото може да го предизвика строгото ограничување поставено од урбаниот амбиент, преминувајќи ги архитектонските и општествените лимити. Во филмот настапуваат Дејан Битровски, Адријана Данчевска Ровчанин, Наташа Трендафилова Гицев, Антонија Димитриевска и Нина Петрушевска. „Лима“ е во режија на Батухан Ибрахим, кореографијата е на Ивана Балабанова, директор на фотографија е Стефан Ѓорѓиевски, костимите се на Ивана Балабанова, Снежана Чоловиќ и Маја Ѓуреска, а шминката на Павел Маслов. Во филмот настапуваат танчарите Стефани Шаршмит, Тереза Лазарев и Софи Ларсон.
„Танц бункер“ е колектив основан од истакнатите кореографи и танчари Адријана Данчевска, Дејан Битровски и Ивана Балабанова, чија цел е да ја редефинира современата танцова сцена во Македонија. Со децениско национално и меѓународно искуство, овие уметници се стремат да го оживеат локалниот танцов пејзаж преку поттикнување на креативноста, слободата на изразување и иновацијата надвор од традиционалните институционални рамки. Преку комбинирање на своето богато уметничко и организациско искуство, колективот планира да развие одржлива платформа за негување млади таленти и промовирање разновидни динамични продукции. Нивната крајна цел е да внесат нова енергија во локалната танцова сцена.