Фото: Пиксабеј

Бројот на новорегистрирани возила во Европа се намалува, а тоа особено е изразено во доменот на електричните возила

Во март е забележана продажба од 1.031.875 нови автомобили, што е пад од 5,2 отсто во однос на март минатата година, покажуваат податоците на ACEA. Ова е изненадување бидејќи во Европа продажбата во јануари и во февруари имаше нагорна патека.
Причината за овој пад треба да се бара во драстичниот пад на интересот за електричните возила. Имено, во истиот период се продадени само 134.397 електрични возила, што е пад од 11,3 отсто во однос на истиот месец лани. Така, уделот на електричните возила на пазарот во март падна од 13,9 на 13 отсто. И тоа во време кога понудата на електрични модели е најголема во историјата.
И ако се прашувате што купувале најмногу несудените сопственици на електрични автомобили, одговорот не е тешко да се најде. Имено, продажбата на хибриди забележа раст од 12,6 отсто, со што уделот на хибридите на пазарот скокна од 24,4 на 29,9 отсто. Истовремено, треба да се има предвид дека продажбата на плаџ-ин хибриди е намалена за 6,5 отсто.
Пад на продажбата бележат и автомобилите со конвенционален погон. Така, продажбата на возила на бензин паднала за 10,2 отсто, додека побарувачката на возила со дизел-мотор паднала за цели 18,5 отсто. Кога ќе се собере сѐ, уделот на бензинот на пазарот е 35,4 отсто, додека на дизелот 12,4 отсто.
Во Германија, на пример, во првиот квартал годинава се продадени 694.785 нови автомобили, што е раст од 4,2 отсто во однос на истиот период лани. Сепак, во истиот период, продажбата на електрични автомобили паднала за цели 14,1 отсто, од 94.736 на 81.337 единици. Ова е директна последица на укинувањето на субвенциите за набавка на електрични автомобили.