Синот Кики Рахимовски и ќерката Едина ја примија наградата „порин“ за животно дело, која постхумно му е доделена на легендарниот пејач на „Парни ваљак“, Аки Рахимовски. На доделувањето на признанието присуствуваа и двајца членови на групата, гитаристот Маријан Бркиќ и клавијатуристот Берислав Блажевиќ, Ивана Мартинац, генерална секретарка на „Порин“, Никша Братош, член, и Франо Ѓуровиќ, претседател на Управниот одбор на манифестацијата „Порин“.

Едина, ќерката на Аки, по примањето на наградата, мошне емотивно се заблагодари.
– Ви благодарам од името на семејството Рахимовски за ова признание. Музичката награда „порин“ ја обележи кариерата на татко ми, која ја изгради како пејач на „Парни ваљак“. Она што останува зад него се само песната, неговата огромна харизма и вербата дека утре никогаш нема да пристигне. Тој беше вечен сонувач со немирниот дух, Петар Пан со широка насмевка, а за мене само татко. Ја живееше музиката, ја живееше песната и живееше за публиката. Музиката беше неговата фаза од животот низ која се менуваа годишните времиња пролет, лето, есен и зима. И сето тоа беше татко ми – рече ќерката на Аки, Едина, во својот емотивен говор.

Лидерот на легендарниот бенд „Парни ваљак“ нѐ напушти на 22 јануари во 67-та година од животот. Тој како дваесетгодишник замина од Скопје во Загреб, каде што изгради успешна кариера.