Песната „Починка“ во изведба на „Банкрот блуз бенд“ доби и своја видео приказна. Спотот, кој денеска е премиерно пуштен пред јавноста, е снимен на вистинска локација, во кафе-барот „Олд Скул“ во центарот на Скопје, а го режираше Димитар Маневски.

Инаку, „Починка“ е првпат изведена на „Скопскиот фестивал“ во далечната 1976 година, а ја отпеа познатата хрватска пејачка Зденка Ковачичек. Музиката е на Љупчо Константинов, а песната е дело на Блаже Конески.

Всушност, по цели 30 години, Сашо Гигов – Гиш, Петар Ренџов и Игор Атанасоски – Харе, обединети во легендарната македонска група „Банкрот блуз бенд“, се собраа повторно за да му оддадат почит на големиот писател и лингвист и да дадат свој придонес во одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на Конески со убава македонска песна.

– Нашата обработка на неговата „Починка“ е во нашиот, препознатлив блузерски стил. Аранжманот го направи Игор Атанасоски – Харе, а продукцијата е на Мите Димовски – студио „Тралала“- велат познатите музичари, кои и заедно и секој посебно оставија неизбришлива трага во македонската популарна мзуика.

По заедничкиот концерт по 20 години пауза, што се случи пред две години во Куршумли ан, во рамките на скопскиот „Блуз и соул фестивал“, тие на радост на голем број нивни обожаватели повторно се активни. Зад нив се веќе неколку настапи низ Македонија, првиот беше во Кичево, а настапија и во рокерската Битола, каде како што велат, атмосферата била фантатсична.

– Одлични свирки имавме во Кичево и во Битола, а овој викенд сме во Охрид и во Струга. Потоа следува настап во Струмица и во други македонски градови – велат Харе, Пепи и Гиш, кои со своето реобединување и се надеваме уште нови песни наскоро, се вистинско освежување на македонската музичка сцена. М.Т.