Главниот град на Алјаска, Џуно, ќе го ограничи бројот на патници што пристигнуваат со крузери на пристаништето, поради загриженоста од растечкото влијание на овој вид туризам. Лоциран на каналот Гастино во јужна Алјаска, Џуно има население од 32.000 жители и пречекал рекордни 1,65 милион туристи на крстосувања минатата година, што е 23 отсто зголемување во однос на претходниот рекорд. Во обид да ги балансира економските придобивки со ефектите од големиот број посетители, градот постигна договор со Меѓународната асоцијација за крстосувања на Алјаска со кој ќе се ограничат дневните пристигнувања на патници на 16.000, од недела до петок, и 12.000 во сабота.
– Немаме простор за раст на крстосувањата со нашата сегашна инфраструктура и се согласивме да одредиме дневни ограничувања на патниците за да го намалиме нивниот број во најпрометните денови – рече Александра Пирс, менаџерка за туризам во Џуно.
Таа додаде дека целта на договорот е да се задржи приближно стабилен бројот на патници додека градот работи на подобрување на инфраструктурата.
– Туризмот со крстосувања е важен за нашата локална и регионална економија и треба во исто време да бидеме добри домаќини и да најдеме рамнотежа помеѓу загрижените жители и локалните средства за живот што зависат од туризмот – рече Пирс.
Градот, сместен во близината на импозантниот глечер, среде бујна прашума и високи планини, е дом и на т.н. грбави китови. Џуно е едно од најпопуларните пристаништа на Алјаска. Сезоната трае 22 недели.