Фото: ЕПА

Половина век од познатиот албум „Horses“

Американската музичарка Пети Смит оваа година ќе прослави извонредна годишнина – половина век од своето деби-издание „Horses“. По тој повод, таа тргнува на голема турнеја и пристигнува во Европа. Легендарната музичарка на концертите ќе го изведе целиот репертоар од албумот.
„Horses“ низ децениите доби статус на култен рок-албум, носејќи низа бесмртни песни, меѓу кои се издвојува „Глорија“, со што Смит го најави почетокот на импресивната кариера. Додека критичарите во 1970-тите години го сметаа за најдобриот албум на локалната панк-сцена, Пети Смит во тоа време одби да се класифицира само во тој жанр. Но сите се согласија – тоа беше едно од најдобрите изданија во седумдесеттите.
– Рокенролот со три акорди во синтеза со невидена моќ на зборови – рекоа критичарите за „Horses“ во тоа време.
Педесет години подоцна, Пети Смит ќе ја одбележи оваа голема годишнина со голема американска и европска турнеја. Како што е најавено, на концертите ќе биде изведен целиот албум „Horses“, со голем настан за почит што ќе се одржи во њујоршката „Карнеги хол“ во март – меѓу другите ќе настапат: „Ред хот чили пеперс“, Мајкл Стајп (РЕМ), Ким Гордон („Соник јут“) и др. Што се однесува до европскиот дел од турнејата, ќе се одржат вкупно 10 концерти. Најблиску до нас на програмата ќе биде концертот на 10 октомври во Бергамо, Италија.
Инаку, Пети Смит, која има 78 години, минатата година имаше многу здравствени проблеми. За време на концертот во Бразил, таа колабираше на сцената, а во 2023 година откажа неколку концерти во Италија откако беше хоспитализирана среде турнеја. И покрај тоа, нејзиното здравје сега е добро, па таа целосно е посветена да ја започне големата турнеја.