Вечерва, во халата на „Лабораториум“, со почетокот од 20 часот ќе се одржи перформанс на петмина актери од регионот под режисерската палка на Филип Петковски, како дел од програмата „Културата ја движи Европа“. Станува збор за завршен перформанс од резиденцијата за постдрамски театар, предводена од режисерот Филип Петковски. Перформансот вклучува одбрани сцени од претставите „Ифигенија во Авлид“, „Електра“ и „Тројанските жени“ на Еврипид и нуди дефрагментација на наративот, нагласена телесност и деконструкција на традиционалните драмски форми. Перформансот е во формат на отворена проба на која публиката има можност да го следи начинот на подготовка за сценска изведба и активно да учествува во неа.
Резиденцијата вклучуваше отворен повик преку кој беа одбрани пет актери и танчари од Словенија, Бугарија, Србија и од Косово, кои посетуваа проби во времетраење од 22 дена, заедно со неколку македонски актери. Пробите вклучуваа физички и танцов тренинг, како и вежби и комбинации од доменот на физичкиот театар и техниката „вјупоинтс“, поттикнувајќи чувство за ритам, синхронизација и развивање свест за сопственото и колективното тело. Тренингот е силно заснован на актерска импровизација, која им дава можност на актерите да бидат активни учесници во уметничкиот и креативниот процес. Резиденцијата има цел да понуди практична и теоретска едукација, регионално вмрежување и можност за идна соработка.
Играат: Фатлуме Буњаку (Косово), Виктор Лукиќ (Србија), Емилија Тончева (Бугарија), Пиа Мачерол (Словенија) и Мира Јањетовиќ (Србија).