Владимир Блажев-Панчо од групата ДНК има изгореници на лицето и на раката и е на кислородна поддршка по пожарот што изби во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде што настапуваше, објави неговата сестра Јадранка Николовска.
– Засега знам дека е надвор од животна опасност, има изгореници на лицето и на раката и е на кислородна поддршка и е во Клиничкиот центар во Скопје. Уште не знам каде се и како се Андреј и преостанатите членови на бендот. Немам сила да зборувам повеќе – изјави Николовска низ солзи.
Според првичните информации, како што кажа Тошковски, пожарот избил поради пиротехнички средства што се користеле за светлосен ефект на концертот на групата „ДНК“.
Еден од членовите на бендот е на домашно лекување во Скопје. Откако се случил пожарот, бил однесен во болницата во Кочани, каде што примил инјекција со кортикостероид, а потоа пријатели со автомобил го однеле дома во Скопје.
Андреј од групата „ДНК“, кој првично се водеше за исчезнат, им подлегнал на повредите. И Сара Пројковска, придружен вокал на дуото „ДНК“, загина во пожарот во дискотеката во Кочани.
Младиот фотограф Александар Ефремов меѓу загинатите
Во трагедијата во кочанската дискотека, меѓу загинатите, е и Александар Ефремов, талентиран млад фотограф од Штип.
– Почивај во мир, Царство Небесно – се простуваат од него негови блиски пријатели.
За Ефтимов велат дека бил ретко добар човек и врвен фотограф.