Фото: Пиксабеј

Билките и зачините луѓето ширум светот ги користат уште од античко време – не само за кулинарски, туку и за медицински цели. Освен што им даваат вкус на јадењата, билките и зачините содржат различни соединенија, кои можат да помогнат во смирување на воспаленија, намалување на симптомите кај одредени медицински состојби и заштита од развој на хронични болести, пишува „Хелт“.

Ѓумбир

Ѓумбирот има терапевтски својства и векови наназад се користи во системите за традиционална медицина, како што се Ајурведата и кинеската медицина. Ѓумбирот содржи повеќе биоактивни соединенија, кои имаат антиинфламаторно и антиоксидантно дејство во телото. Истражувањата покажуваат дека консумирањето ѓумбир има значителни позитивни ефекти врз нагонот за повраќање, нивото на шеќер во крвта, остеоартритисот, крвниот притисок, проблемите со тежината, нивото на липидите во крвта и воспалителните биомаркери.

Оригано

Ориганото во минатото се користело во традиционалната медицина за лекување на болести како што се лошо варење, кашлица, дијареа и бронхитис. Поради високата содржина на антиоксиданси, може да помогне во намалувањето на маркерите за оксидативен стрес, кој се јавува кога молекулите наречени реактивни кислородни видови ја надминуваат антиоксидантната одбрана на телото, што доведува до оштетување на клетките. Додадете свежо оригано во салати и јадења со тестенини и користете суво оригано за вкус на сосови, преливи и печено пилешко.

Фото: Пекселс

Шафран

Шафранот е зачин со слабо горчлив вкус и е важна состојка во индиската и медитеранската традиционална кујна.
Тој се покажа корисен како природен третман за неколку состојби, вклучувајќи депресија, анксиозност, шизофренија, срцеви заболувања, Алцхајмерова болест и дијабетес тип 2. Се смета дека шафранот го зголемува нивото на невротрансмитерот серотонин во мозокот што го зголемува расположението, а има и позитивни ефекти врз состојби како анксиозност и депресија. Може да се додаде во јадења како што се кари, рижото и морска храна, а може да се зема и во форма на додаток.

Цимет

Неговиот топол и богат вкус може да се најде во пијалоци како јаболков сок и во печива како колачиња, пита од тиква или сладок леб. Редовното консумирање цимет (но не во преголеми дози) може да понуди значителни метаболички придобивки. Истражувањата покажаа дека луѓето кои консумирале помеѓу 1-6 грама цимет дневно во период од 40 до 90 дена, доживеале намалување на шеќерот и липидите во крвта, како и во висината на крвниот притисок.

Фото: Пекселс

Лук

Освен како вкусен додаток во јадењата, веќе добро познат и по своите здравствени придобивки. Лукот може да помогне во заштитата на здравјето на срцето со намалување на атеросклерозата и таложењето наслаги во артериите. Една студија од 2021 година покажа дека оние кои консумираат суров лук еден до три пати неделно имаат помало задебелување на каротидите. Многу јадења го „сакаат“ лукот, а меѓу нив се печеното месо, манџите, салатите и преливите за салати, салсата, пестото, како и разните сосови и маринади.

Рузмарин

Билка со пријатен мирис, често користена во кујните ширум светот. Рузмаринот е моќен извор на розмаринска киселина, за која е докажано дека поседува антиоксидантни, антиинфламаторни, антивирусни, антибактериски, аналгетски и антиканцерогени ефекти. Дополнително, некои истражувања сугерираат дека пиењето чај од рузмарин може да им користи на оние со анксиозност и депресија. Направите си релаксирачки чај со свеж или сув рузмарин, малку сок од лимон и лажичка мед.

Куркума

Куркумата и нејзината примарна активна состојка наречена куркумин се поврзани со различни импресивни здравствени придобивки. Децениските наоди од научни истражувања покажуваат дека куркумата има моќни антиинфламаторни, антиоксидантни и антиканцерогени својства. Куркумата може да биде ефикасна за лекување на медицински состојби како остеоартритис, улцеративен колитис и дијабетес тип 2. Исто така, се покажа дека таа помага во подобрување на когнитивната функција и во заштитата од когнитивно пропаѓање кај постарите лица.

Фото: Пекселс

Магдонос

Магдоносот е многу богат со антиоксиданси како што се витаминот Ц, каротеноидите и флаваноидите, а сите тие имаат моќни клеточни заштитни и антиинфламаторни ефекти во телото. Јадењето храна богата со антиоксиданси,особено магдонос, може да помогне да се спречи оштетувањето на клетките, кое што го зголемува ризикот од болести. Студиите покажуваат дека редовното консумирање магдонос помага во заштитата од когнитивна детериорација, срцеви заболувања и болести на уринарниот тракт.