Среде пустина во Абу Даби е изградена река што е дел од парк вреден 50 милиони долари. Таа се смета за врвно место за рафтинг, кајакарење и сурфање на Блискиот Исток.
Паркот „Ал Аин адвенчр“ се наоѓа во подножје на рид и е необична глетка во област каде што нема природни реки и температурите на воздухот во текот на летото се и до 49 Целзиусови степени. Овој парк е продолжение на сето она што е вештачки создадено во оваа земја. А тука има и вештачки дожд, вештачки снег и вештачка плажа, пренесува „Си-ен-ен“.
Речните канали на паркот се долги вкупно 1,2 километар, што им нуди на кајакарите и рафтерите предизвикувачко патување. Паркот е признаен низ целиот свет, дури и меѓу спортските професионалци. Доаѓаат професионални рафтери, кајакари и сурфери. „Ал Аин адвенчр“ е особено популарен за тренинзи и редовно е домаќин на 300 спортисти од 35 земји.
Управувањето и одржувањето на паркот е предизвик. Водата во реката е десалинизирана вода од емиратот Рас ал Каима, кој е оддалечен 300 километри. Десалинизацијата значи претворање на морската вода во свежа вода за да се задоволат највисоките стандарди. Секој ден се трошат 48,4 милиони литри вода.
Паркот беше повторно отворен во декември минатата година, по тригодишна пауза поради пандемијата на коронавирусот.