Истражувачите реконструирале тродимензионална апроксимација на лицето на египетскиот фараон Тутанкамон, користејќи постојни КТ-скенови, фотографии и рендгенски снимки на неговиот череп, а резултатот е најблиска сличност со лицето на младиот владетел досега.
Тутанкамон е од голем интерес во археолошките кругови, а во последните неколку децении беше „цел“ на голем број обиди да се открие изгледот на неговото лице со помош на форензички техники.
Новото истражување ги потврдило наодите од претходните, во кои било наведено дека черепот на Тутанкамон бил малку подолг од нормалното. Истражувачите забележале дека фараонот нема само череп со уникатна форма туку и исклучително голем мозок. Просечната големина на мозокот е околу 1.229 кубни сантиметри, но во случајот на фараонот таа е околу 1.426 сантиметри. Истражувачите откриле и дека обликот на черепот на фараонот е природен, иако е посебен, пишува „Лајв сајенс“.
Тимот работеше на два пристапа поврзани со приближување на ликот, едниот беше објективен и научен, а другиот субјективен и уметнички.
Научниците создале слики со затворени очи за да избегнат шпекулации за бојата на неговата кожа, а била избрана сивата боја. Уметничкиот пристап се состоеше од слика во боја со отворени очи и веѓи.
– Мене ми изгледа како млад човек со деликатно лице. Гледајќи го, гледам повеќе млад студент отколку политичар полн со одговорност – вели експертот за графика и автор на истражувањето, Цицеро Мораес.
Тутанкамон го наследил својот татко кога имал само девет години и бил озлогласен до неговата смрт десет години подоцна. Тој бил погребан со 5.000 амајлии и парчиња накит, а неговиот гроб бил откриен во 1922 година во Долината на Кралевите во Египет од британскиот египтолог Хауард Картер.