Новата колекција на модната дизајнерка Росица Мршиќ, насловена „Блум“, го продолжува нејзиниот моден израз на употреба авторски дизајнерски решенија и принтови во колекциите. Изработена со голема посветеност и внимание и нула отпад во производствениот процес, оваа колекција на женски блузи е со препознатливи рачно изработени детали, карактеристични за дизајнерката, и безвременски дизајн. Блузите се изведени во приспособлив крој за да одговараат на сите величини, изработени од памук во бела и црна боја. Колекцијата „Блум“ е создадена да ги мотивира женската индивидуалност и креативност.
Блузите можат да се комбинираат со различни парчиња облека за постигнување софистициран изглед за различни пригоди во текот на целиот ден.
Колекцијата, освен што е направена според принципите на општествено одговорна изработка, има и хуманитарен карактер, 10 отсто од секоја продадена блуза од оваа колекција се наменети за помош на децата во „СОС детско село“ – Македонија.