Многу луѓе што живеат во Европа не вежбаат доволно што доведува до повеќе од 10.000 предвремени смртни случаи годишно, објави Организацијата за економска соработка и развој. Повеќе од една третина од жителите на ЕУ не го достигнуваат нивото на вежбање препорачано од Светската здравствена организација (СЗО) од 150 минути умерено до енергично вежбање неделно.
– Доколку европските граѓани го послушаат советот на СЗО, не само што ќе се спречат повеќе од 10.000 предвремени смртни случаи туку и просечниот животен век во ЕУ може да се зголеми за два месеца – велат од организацијата.
Редовното вежбање е една од најважните работи што човекот може да ги направи и за умот и за телото. Вежбањето може да спречи дијабетес и одредени видови рак, меѓу другите болести.
Студијата покажа дека 3,5 милиони случаи на депресија и 3,8 милиони случаи на кардиоваскуларни болести би можеле да се спречат до 2050 година доколку луѓето вежбаат 150 минути неделно. Таа откри дека само 40 отсто од луѓето вежбаат редовно, со големи разлики меѓу земјите. Додека две третини од возрасните Финци вежбаат редовно, оваа бројка се намалува на 20 проценти во другите земји.
Жените вежбаат помалку од мажите, а тоа е особено видливо кај помладите возрасни групи. Околу 73 отсто од мажите на возраст од 15 до 24 години вежбаат најмалку еднаш неделно, во споредба со само 58 отсто од жените.