Претходно годинава истражувачкиот центар „Пју“ објави дека повеќето корисници поминуваат помалку време на Твитер откако Илон Маск ја презеде платформата, а сега новите податоци покажуваат дека значителна група корисници се повлекуваат од мрежата, која сега се нарекува Х.
Повеќе од половина од истражувачите научници што користат Х тврдат дека го намалиле времето за користење на платформата или дури и целосно ја напуштиле. Тоа го покажуваат податоците од истражувањето во кое учествувале илјадници научници, а кое било спроведено од списанието „Нејчр“. Речиси половина од оние што се откажале од Х нашле алтернативни социјални мрежи како Мастодон.
Од 9.200 анкетирани истражувачи, повеќе од 47 проценти велат дека го намалиле времето што го поминуваат користејќи Х, додека речиси 7 проценти целосно се откажале од платформата. Речиси ист број испитаници креирале профил на најмалку една нова платформа во изминатата година.
Мастодон забележа значителен раст откако беше објавено дека Маск ќе го преземе Твитер, а истражувачите главно се одлучуваат за него. Околу 47 проценти од истражувачите тврдат дека почнале да користат платформа со отворен код во изминатата година. Линкдин и Инстаграм се следни на листата на популарност, кои привлекуваат 35 и 27 проценти од истражувачите. Ривалот на Х, Тредс, го зазема четвртото место, иако апликацијата беше лансирана само неколку дена пред „Нејчр“ да го заврши своето истражување.
Податоците покажуваат дека некогашните активни корисници на денешниот Х помалку ја користат оваа мрежа, а исто така се нагласува и колку се променила динамиката на овој сајт во изминатата година.
Твитер историски беше важна платформа за истражувачите и научниците, се користеше за објавување истражувања и промовирање научни дебати, а истражувачите служеа како важен извор на проверени информации на платформа што долго време се бореше со дезинформации. Во минатото, Твитер исто така беше вреден извор на податоци за многу истражувачи во сè, од јавното здравство до лингвистиката.
Меѓутоа, многу работи се променија и многу корисници сега чувствуваат дека нивните гласови се „задушени“ на платформа што има приоритет на содржината на оние што плаќаат за верификација. Компанијата го направи своето АПИ за истражувачите толку скапо што повеќето веќе не ни пристапуваат до него. Иако не се сите истражувачи подготвени целосно да го напуштат Х, тактиката на компанијата се чини дека отуѓи голем дел од научната заедница.