Роботите во иднина би можеле да станат клучни негуватели, благодарение на постојаниот развој на технологијата дизајнирана да го подобри квалитетот на животот на постарата популација, како и на лицата со физички инвалидитет. Пример за одличен проект доаѓа од универзитетот „Корнел“, а зад него стои научникот Тапомајух Батачарџи. Тој развива роботска рака што ќе им помогне за хранење на луѓето со повреди на ‘рбетот. Научникот верува дека роботите имаат потенцијал да ја трансформираат грижата за пациентите, како и дека хранењето е едно од клучните полиња каде што можат да помогнат.
Хранењето е една од најосновните активности. Замислете да барате некој друг да ве храни секој ден. Тоа целосно ви го одзема чувството на независност. Ако го решиме предизвикот за хранење и човекот го прифати роботот како дел од своето тело, тогаш ќе се чувствува многу понезависен. Поради тоа сум толку мотивиран да го решам ова – вели научникот.
Заедно со своите соработници, тој развива алгоритми што ќе им овозможат на роботските раце да ги хранат луѓето на безбеден начин, особено во случај кога тие не можат да се движат и да земат храна од роботската рака. Со текот на времето, овие роботи можеа да „учат“ за пациентите и полесно да си ја вршат својата работа.
Во 2019 година, на универзитетот „Харвард“ беше развиена роботска рака што е толку мека и прецизна што може да допре медуза во вода без да предизвика никаква штета. Исто така, „Тојота“ разви робот што „виси“ од таванот и ги извршува домашните работи наместо постарите, но тој робот е сѐ уште далеку од производство.