Најмалку 66 кита умреле откако заринкале на остров во близината на северниот брег на Шкотска. Тоа е едно од најголемите заринкувања во Обединетото Кралство во последно време, соопшти Организацијата за заштита на морските животни.
Спасувачите од британската организација „Дајверс марин лајф рескју“ соопштија дека добиле извештај за заглавувањето на китовите и испратиле тим на плажата на Сандеј, шкотски остров во архипелагот Оркни.
– Кога пристигнавме на островот на плажата имаше околу 77 кита што беа заглавени веќе неколку часа. За жал, само 12 од нив сѐ уште се живи – се вели во соопштението на добротворната организација.
Китовите заринкуваат на бреговите на морињата од повеќе причини, најчесто кога ќе се изгубат или, пак, кога нивното движење е спречено од плимата, но научниците велат дека не постои дефинитивна причина зад овој феномен забележан повеќепати во минатото. Белогрлените китови имаат особено блиски социјални врски, па се случува јатото да следи еден кит што западнал во неволја, што доведува до масовни заринкувања.
Пред една година слична несреќа им се случи на белогрлените китови кај местото Луис, во близината на западниот брег на Шкотска, кога најмалку 55 кита умреа или мораа да бидат евтаназирани. Исто така, имаше масовно заринкување во западна Австралија претходно оваа година.