Високиот шеќер во крвта може да доведе до мноштво нездрави несакани ефекти, како што се слабост, конфузија, замор, болки во стомакот и заматен вид. Со текот на времето, постојано високиот шеќер во крвта може да доведе дури и до дијабетес, кој влијае на околу 34,2 милиони луѓе во САД. Едноставно кажано, високото ниво на шеќер во крвта, исто така наречен висока гликоза во крвта, значи дека имате премногу шеќер во крвта. Ова е или затоа што вашето тело има премалку инсулин или вашето тело не функционира правилно со инсулинот. Иако понекогаш изгледа неконтролирано, постојат начини да го контролирате нивото на гликоза во крвта. Всушност, избегнувањето некои од најлошите намирници што предизвикуваат висок шеќер во крвта е одличен начин за почеток.
Што ја прави храната добра или лоша за нивото на гликоза во крвта? Според клиниката „Мајо“, исхраната погодна за шеќер во крвта е онаа што е богата со хранливи материи, како што се храна богата со влакна, здрави непреработени јаглехидрати, риба и здрави масти како што се незаситени или полинезаситени. Што се однесува до храната што треба да се избегнува, тука спаѓаат работи што се богати со додадени шеќери и рафинирани јаглехидрати, со многу малку протеини или влакна за да ги поддржат.
Природни засладувачи како мед или агаве
Некои луѓе може да се обидат да избегнат бел или кафеав шеќер, што може да ги натера да посегнат по нешто поприродно како мед или сируп од агаве. За жал, иако овие извори на шеќер се поприродни од рафинираниот бел шеќер, тие сепак можат да предизвикаат скокови на шеќерот во крвта.
Во една студија објавена во „Џрнал оф нутришн“, учесниците преддијабетичари што консумирале мед или бел шеќер забележале многу слични зголемувања на шеќерот во крвта и воспалителни маркери. Ова значи дека природните засладувачи сè уште можат да го подигнат нивото на гликоза во крвта исто колку и белиот шеќер. Затоа, наместо да посегнувате по мед или агаве, пробајте засладувач без калории како монашко овошје или стевија.
Пржена храна
Јадењето пржена храна може да предизвика хаос на нивото на гликоза во крвта. Овој вид храна често е полна со трансмасти поради маслото што се користи за пржење. Според „Фудс“, трансмастите можат да придонесат за отпорност на инсулин, нешто што може да доведе до вишок шеќер во крвта.
Клиниката во Кливленд, исто така, вели дека пржената храна може да го зголеми ризикот од висок холестерол, зголемување на телесната тежина и развој на дијабетес тип 2, а една студија објавена во „Американ џрнал оф клиникал нутришн“ покажа дека зголеменото консумирање пржена храна доведува до зголемен ризик од дијабетес.
Храна богата со трансмасти
Исто така, ако размислите за видот на храната што се пржи, каде се рангира на гликемискиот индекс и тоа може да игра улога. На пример, помфритот е само длабоко пржен бел компир, а овој тип компир веќе има висок гликемиски индекс. Тоа, плус фактот што се пржи во трансмасти ја прави оваа храна една од најлошите намирници за шеќер во крвта.
Бел компир
Белиот компир можеби не е најдобрата храна за вашиот шеќер во крвта. Не мора целосно да го избегнувате овој скроб, но комбинирањето со некои влакна или протеини може да помогне да се ограничи неговото влијание врз нивото на гликоза. Иако се смета дека оваа намирница има висок гликемиски индекс и затоа може да го подигне шеќерот во крвта побрзо од храната со понизок гликемиски индекс, истражувачите велат дека тоа зависи и од тоа како се приготвува. Во однос на хранливите материи, компирите што се приготвуваат како пире или пржени ќе имаат поголемо влијание на шеќерот во крвта од оние што се печени или варени.
Храна богата со трансмасти
Ако внимавате на шеќерот во крвта, можеби ќе сакате сериозно да го ограничите консумирањето трансмасти, бидејќи според „Скандиневиен џрнал оф фуд енд нутришн“ трансмастите може да ја зголемат отпорноста на инсулин на една личност ако има дијабетес тип 2. Ова може директно да влијае на нивото на шеќер во крвта бидејќи инсулинот е еден од најважните хормони во регулирањето на нивото на гликоза во крвта.
За жал, ограничувањето на трансмастите може да биде тешко поради огромното количество вкусна храна што ги содржи, како што се многу преработени печива, замрзнати вечери, пуканки во микробранова печка, чипс, пржена храна и некои креми за кафе што не се млечни.
Овошни јогурти
– Многу овошни јогурти се полни со повеќе шеќер отколку некои десерти. Наместо тоа, пробајте обичен грчки или исландски јогурт и додадете малку мед за сами да го засладите – вели Сара Анзловар, нутриционистка и сопственичка на „Сара голд нутришн“.
И грчкиот и исландскиот јогурт имаат повеќе протеини од обичниот јогурт, што може да помогне во балансирање на шеќерот во крвта. Јогуртот можете да го дополните со свежо овошје или семки за да додадете малку влакна. Анзловар вели дека влакната исто така можат да помогнат во стабилизирање на шеќерот во крвта. Тоа е затоа што иако е еден вид јаглехидрат, вашето тело не го разградува, па затоа не може да предизвика скок на шеќерот во крвта.