Американски истражувач и професор постави нов рекорд кога станува збор за живот под вода. Станува збор за професорот Џозеф Дитури, кој помина повеќе од 74 дена под вода на длабочина од околу девет метри. Дитури го помина тој период во лагуна во Ки Ларго, Флорида, но неговиот рекорд не значи дека излегол на површина. Напротив, професорот има намера да остане во своето живеалиште под вода најмалку 100 дена.
– Љубопитноста за откривање ме донесе овде. Мојата цел од првиот ден е да ги инспирирам генерациите што доаѓаат, да интервјуирам научници што го проучуваат животот под морето и да научам како функционира човечкото тело во екстремни средини – рече Дитури.
Претходниот рекорд за најдолг престој под вода беше 73 дена, кој го поставија двајца професори во 2014 година на истото место.
За разлика од подморницата, „колибата“ не користи технологија за да се приспособи на зголемениот подводен притисок.
Дитури ја започна својата научна мисија на 1 март и сега престојува во мала „просторија“ на дното на лагуната, проучувајќи како човечкото тело реагира на долготрајно изложување на екстремен притисок.
Научниците ја проучуваат здравствената состојба на овој 55-годишник, како и психолошките ефекти од изолацијата, а тоа го прават со извршување низа медицински тестови. Дитури служел во морнарицата 28 години, а иако е под вода, тој им држи предавања на студенти преку интернет. Секој ден се буди во 5 часот и вежба, а јаде храна богата со протеини како јајца и лосос. Тој за АП изјави дека со нетрпение чека да излезе на површината бидејќи најмногу му недостига сонцето.