Вечерва, на втората вечер на 38.„Мaкфест“ од 13-те млади надежи што ги слушнавме вчера на сцената на домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип ќе настапат: Тијана Периќ, Јасмин Алиевски, Драгана Јовановска, групата „Блу“ и Александра Трајческа.
По нив ќе запеат: Владо Јаневски, Андријана Јаневска, Таско и Магдалена, Панче Касапски, Ламбе Алабаковски и Полина, Симона Поповска, Огнен Здравковски, Марија Спасовска, Бојана Скендеровски, Александар Тарабунов, групата „Љубојна“, Зоран Илиев и Боно и Давид Миладинов.
Вечерва во улога на презентерка ќе ја видиме Вера Јанковиќ, која долги години, како водителка беше заштитен знак на „Макфест“.
Инаку вториот фестивалски ден во Штип мина лежерно, без никакви тензии, бидејќи и годинава, како и лани нема да бидат доделени награди. Единствено ќе биде прогласена најслушаната песна меѓу два фестивала, а тоа е „Бела“ што ја отпеаја Лара и Пајак.
На генералната проба фестивалскиот тим на чело со уметничкиот директор Роберт Саздов, членот на фестивалскито совет Јован Јованов и други, се потрудија вечерва песните да звучат подобро од синоќа, особено во ТВ преносот.
Па ако првиот ден им беше дадена шанса на млади надежи, вечерва ќе слушнеме и некои повеќекратни победници на „Макфест“.
Повеќето учесници изјавија дека им е драго што се повторно дел од овој фестивал, со кој буквално пораснале, или ги направиле првите настапи и добиле поддршка да продолжат да се занимаваат со музика.
Мислењата се поделени, на некои од пејачите им одговара што веќе нема награди, а други, пак, жалат по вистинската фестивалска атмосфера, која по се изгледа е се подалеку.
Се надеваме дека според она што го слушнавме на генералната проба, песните од годинашниот фестивал ќе бидат прифатени од публиката од повеќе генерации.
И вечерва во улога на водители ќе ги видиме Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски. Ќе има и вклучувања од „црвениот ќилим“ и од „бекстејџ“.
Македонска телевизија и вечерва директно ќе го пренесува „Макфест“ на Првата програма, со почеток во 20.30 часот, а ќе го емитува и Македонското радио.