Денеска во Штип сѐ е во знакот на музиката. Голем број македонски музичари, љубители на рокенролот и претставнци на седмата сила, дојдоа попладнево во градот под Исарот да му укажат чест на Божидар Симоновски, кој веќе е легенда во својот град, но и во цела Македонија. Тој е музичар, а бил и долгогодишен директор на Домот на млади во Штип и како голем ентузијаст и вљубеник во уметноста го придвижил културниот живот во градот, и пошироко.
Во 1980-те години, благодарение на Божидар Симоновски (71), Штип беше центар на рокенролот во Македонија, а голем дел од најпознатите екс југословенски рок-групи во повеќе наврати одржувале концерти во градот благодарение на него. Но, најважно за македонската музика и култура е што тој Домот им го отворил на младите музичари, пејачи, групи, ликовни ументици, глумци и други креативци, давајќи им шанса да застанат на сцената, да одржуваат изложби, да поставуваат театарски претстави и да покажат што знаат, давајќи им поттик да го развиваат својот талент.
Своевремено Домот издавал и свое списание „Флеш“ и отпечатени се дваесетина броја.
Инаку како гитарист Божидар членувал во повеќе рок-бендови, а настапувал со групата „Македонија“, со која многу патувал по светот. Тој е главниот виновник и што во Штип настапиле светски познатиот гитарист Џон Меклафлин, групите „ЕКВ“, „Прљаво казалиште“, „Рибља чорба“, и многу други екс ју-групи, но тука незаборавни концрети одржувале и сите македонски бендови.
Денеска на Божидар Симоновски му беше доделена наградата на град Штип, „8 Ноември“, како заслужен граѓанин, а во негова чест во 16 часот беше откриен и мурал на ѕидот на Домот на младите, што го изработи уметницата од Скопје Елена Поповска.
Муралот лично го откри Божидар, или Бошко како што сите го викаат, видно возбуден, а младиот гитарист, неговиот имењак, Божидар Јорданов (16) свиреше песна од Џими Хендрикис, како доказ дека она што го започна Симоновски вродило со плод и многу млади, таленирани луѓе ја избираат музиката како своја љубов, а можеби и идна професија.
Иницијатор за реализација на овој настан е новиот директор на Домот на млади во Штип, Видан Лазарев.
– Останува на нас да ги препознаеме и негуваме делата на наши сограѓани кои беспоштедно се вложиле постигнувајки повисока цел, занемарувајки ја личната, индивидуална димензија. Се радувам што лик како Бошко денеска беше нагарден со „Осмоноемвриско признание“, поточно награда за животно дело, а воедно го откривме муралот кој е нацртан на фасадниот простор на Дом на млади Штип – рече Лазаров.
По честитките и средбите на Божидар со многуте гости, блиски, пријатели, сограѓани и музичари од цела Македонија, во малата сала на Домот концерт одржа „Хот лајн бенд“.
Рекоа за Божидар Симоновски:
Петар Георгиевски-Камизака: Бошко Мајсторе, поклон до земја и едно искрено благодарам за сѐ што направи за македонската музика.
Тошо Филиповски: Ова е само прв чекор. Божидар Симоновски заслужува државна награда за неговиот влог во оформувањето на македонскиот културен иднентитет.
Џина Папас Џокси: Бошко е легенда на македонската рок музика, долгогодишен директор на Дом на Млади во Штип, иницијатор на огромен број рок-концерти и заслужен за тоа движење не само во Штип, туку и во Македонија. Пример за многу млади кои денеска музицираат по светов. Првиот концерт „Макакус“ го одржа токму во Дом на млади Штип, и тоа под свеќи, онака, акустичарски, а зад сето тоа стоеше Бошко. И уште нешто. Со него ги правевме најголемите и најубавите забави за деца кон средината на 1990-те. Боле, да си ми жив и здрав со години!
Ивица Јорданов: Денеска е голем ден не само за штипјани, туку и за љубителите на музиката и на културата воопшто во цела Македонија. Убаво е кога им се оддава почит на луѓето кои целиот свој живот се трудат со својата работа да остават трага, а Бошко Симоновски несомнено е еден од нив. Горд сум што и неговиот имењак, мојот 16-годишен син Божидар Јорданов, денеска на својата гитара го свиреше Џими Хендрикс, за време на откривањето на муралот, како доказ дека неговата повеќедеценска работа продолжува. Добрата музика и рокенролот живеат во Штип.
Дамјан Арев: Нема зборови со кои може да се искаже огромното влијание и дело на чичко Бошко за музиката и за музичарите во Штип и во Мекедонија. Човек со огромно срце и прекрасна душа, творец на сите музичари од нашиот град, доволно е само да имаш желба да свиреш и чичко Бошко дава и сцена и инструменти…Капата доле маестро, да си ни жив и здрав, камо да имаше повеќе луѓе како тебе!
М.Т.