Пред некоја година, во дворот на соседот Зоран доаѓаа еребици. Доаѓаа барајќи храна оти снегот беше голем, а зимата студена. Му кажав да им остави жито, арно ама не стигнале да го изедат. Соседот во селото се пофалил со убавите еребици. Еребиците ги снема. Веројатно завршиле в лонец од некој ловџија. И ете така, тие не го изеле житото, можеби го чувале и за нас да ни се најде, а ние ги изедовме нив.
Трогнат од тој настан, решив да прошетам околу нашето маало. Едно утро се облеков во топла облека, зедов стап и кинисав на ветената си прошетка. Се качив на ридот над нашето маало. Што да ви кажам, глетката многу убава. Во центарот на нашето маало гордо стои големата црква осветлена со утринското сонце. Дотогаш немав претстава колку ни е убаво нашето маало во кое си живееме.
Шетајќи на ридот и околу него во снегот забележав траги од зајак, лисица, верверичка и некои други траги што не ги познавам. Сонцето се разлеваше по површината на снегот, а од него се одбиваа прекрасни светлосни зраци небаре сонцето своите зраци ги пуштило како бисери што зрачат прекрасна светлина.
Од тој убав занес ме трогна крик од небото. Кренав поглед и имаше што да видам. Орлите играа прекрасен воздушен балет од кој застанува здивот.
Се запрашав зошто ги испраќаат тие крици. Можеби Господ преку нив ни испраќа ум од универзумот.
Одлучив, полека да се симнам од ридот. Поминувајќи низ нашето маало, ми текна на дедо Блажо, кој, за жал, не е повеќе меѓу нас. Тоа беше човек од кој зрачеа топлина и пријателски осмев и секогаш подготвен да ти каже убав збор. Но и тој си имаше тежина на душата. Последна желба му беше да си го дочека син му Миле да се врати од војска. Желбата не му се исполни.
Продолжив низ маалото по уличката што излегува кон манастирот. На истиот оној убав бел снег наоѓав и ги собирав кутии од цигари, автобуски билети, хартии од бонбончиња и понекое ќесе од смоки.
На ридот и околу него немаше отпадоци.
Се прашувам, дали и мене ќе ме снајде истата судбина како и дедо Блажо, да не ми се оствари мојата желба да живеам во убаво и чисто маало.
Можеби орелот знае, кога Господ ни праќа порака од универзумот да си го чуваме и сакаме нашето маало!