Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата останува на својот став во однос на евроинтегративниот процес и дека нема да прифати чекори без јасна перспектива и извесен исход за членството во Европската Унија, пренесе МИА.
Говорејќи за денешната посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, Мицкоски истакна дека Македонија во континуитет покажува капацитет, знаење и политичка волја за брзо напредување кон ЕУ, но дека не може да влезе во процес кој не нуди јасни гаранции.
-Како претседател на Владата немам намера да поддржам авантура без да знам дека таа има извесен крај. Покажуваме дека сме конкурентни, дека имаме капацитет, знаење и волја бргу да го поминеме овој процес. Но, без јасна перспектива и извесен исход, не можеме да влеземе во таква авантура – изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека по повеќе од три децении евроинтеграциски напори, граѓаните очекуваат конкретни резултати, а не нови политички неизвесности.
Осврнувајќи се на критиките од опозицијата, премиерот оцени дека дел од политичките актери ја користат европската тема за дневнополитички цели, со што, според него, се ослабуваат позициите на државата.
Мицкоски потсети дека Македонија има преземено обврски преку уставните измени, Францускиот предлог и билатералните протоколи, но нагласи дека и Бугарија има свои обврски, меѓу кои ги посочи пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Според него, процесот мора да се темели на заемна доверба и двонасочна комуникација.
-Ако улицата е еднонасочна, доверба не може да има. За да изградиме доверба, треба да видиме и конкретни чекори од другата страна – рече премиерот.
Тој оцени дека доколку европските партнери се единствени во ставот дека нема да има нови условувања за земјава, тоа треба да биде потврдено и преку официјални заклучоци.
Мицкоски додаде дека Владата останува отворена за разговори и дијалог со сите релевантни страни.
-Кажете ни еден ден однапред каде треба да дојдеме и со кого треба да разговараме и ние ќе бидеме таму. Ние сме сериозни луѓе и сакаме да разговараме. Потребен ни е само јасен сигнал – истакна премиерот.
Тој нагласи дека Македонија ќе продолжи да работи на исполнување на реформската агенда, каде што, според него, земјата е меѓу најуспешните во регионот на Западен Балкан, а паралелно ќе се залага за создавање атмосфера на доверба која би овозможила напредок во евроинтегративниот процес.


































