Според првите критики за „Moondog“, песната со својот квалитетен звук е вистинска најава за тоа што може да се очекува од новиот албум на дуото „Јова“

Јова Радевска, македонска кантавторка што живее во Лондон, Велика Британија, неодамна како членка на дуото „Јова“ во кое членува и Марк Вернон, ја промовира својата нова песна „Moondog“, направена во алтернативен стил, која е поддржана од радиото Би-би-си и од плејлистата на „Спортифај“, а може да се слушне и на музичката платформа Ај тјунс.

– „Moondog“ е напишана за миговите кога губиме некого ненадејно, за загубата со која тешко се справуваме, за ехото што постојано го слушаме во нашите мисли, кое со текот на времето станува сѐ потивко – вели Јова Радевска.
Таа најави дека наскоро ќе излезе и видео со стиховите од песната, која веќе има и своја ремикс-верзија и ќе биде достапна на сите поголеми музички платформи.
Песната „Moondog“ е продуцирана со Мартин Мекдугал и Даниел О’Саливен од групата „Грумблинг фурс“, а миксирана е од номинираниот за наградата „греми“, Камерон Греиг, кој соработувал со познати светски имиња како: Бјорк, Ени Ленокс и Џое Струмер. Дуото „Јова“ снимаше заедно со музичарите: Алекс Томас, Даниел О’Саливен, Мартин Мекдугал и Роб Елис. Песната доби и интересно видео креирано од Кристијан Барнет и од филмаџиите на „Фебулоус Франк“.

Според првите критики за „Moondog“, песната со својот квалитетен звук, е вистинска најава за тоа што може да се очекува од новиот албум на дуото „Јова“.
– Магичните шепоти на „Moondog“ го доловуваат мистериозниот и впечатлив филмски звук на „Јова“. Стиховите на песната, полни со емоција ја поттикнуваат имагинацијата и ја смируваат душата, додека тивко ја илуминираат уникатната и храбра тема – велат критичарите.

Инаку, Јова и Марк ги снимаа музичките структури на „Јова“ на повеќе локации, со разни соработници. Марк, кој претходно соработувал со ПЏ Харви и Џон Сел од групата „Велвет андерграунд“, контактира со неговиот пријател Роб Елис, познат продуцент и мултиинструменталист и го ангажира во оформувањето на звукот на дуото „Јова“. Исто така на новиот албум интересна е соработката со басистот Иан Оливер, а магијата што се случува при неговата соработка со Роб Елис на тапани, по пауза од речиси три децении ќе може да се слушне на новиот албум на „Јова“ што ќе излезе следната година. Со песните што ќе се најдат на новиот албум членовите на „Јова“ планираат и настапи во живо.

Јова Радевска првпат се појавува на македонската музичка сцена на домашниот избор на „Песна на Евровизија“ во 2008 година со песната „Јас сум овде“, а истата година и учествува и на „Охрид фест“ каде што е наградена за најдобар дебитант со песната „Се радувам и тагувам“. Во 2007 година го издаде првиот албум „Дневник низ песочен часовник“, а нејзината песна „Тime will tell“ во соработка со италијанскиот диџеј Дани Дарко, беше прогласена за хит на годината во 2014 година на радиото Антена 5. Истата таа беше пуштена и во програмата на Том Робинсон на Би-би-си, а дипхаус-верзијата на песната беше поддржана и од голем број музички блогови. Синглот „Butterfly“, исто така во соработка со диџеј Дани Дарко, беше одлично прифатен од страна на јавноста и влезе во топ 50 на Битпорт-листата. Песната „It’s not over“ како дел од дуото „Сем и Јова“ беше издадена во 2017 од издавачката куќа „Универзал“ од Франција.