Иако компанијата „Мета“ се откажа од својата криптовалута дием, се чини дека сепак ќе се појави виртуелна валута, која во моментов интерно се нарекува зак бакс.
Матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм подготвува виртуелна валута, која вработените ја нарекуваат зак бакс, очигледно по нејзиниот основач и директор Марк Закерберг. Но тоа не е криптовалута, тоа е токен во апликација, кој би бил контролиран од компанијата, нешто слично на она што се користи во апликациите за игри, како валутата робукс во популарната детска игра „Роблокс“. „Роблокс“ е тој што направи огромен бизнис со робукс, а „Мета“ сака нешто слично на својата платформа, пишува весникот „Фајненшл тајмс“.

„Мета“ не се дистанцира целосно од блокчејн-производите, бидејќи компанијата исто така сака да објавува и споделува НФТ (незаменлив токен) на Фејсбук.
Како што наведува „Фајненшл тајмс“, планот на компанијата е да лансира пилот на средината на мај, а набргу потоа ќе овозможи тестирање на членството на групите на Фејсбук врз основа на сопственоста на НФТ.

Покрај тоа, „Мета“ истражува социјални токени или токени за репутација, кои би можеле да се издаваат како награди за значајни придонеси во групите на Фејсбук. Компанијата размислува и за традиционални финансиски услуги, како што се заеми за мали бизниси.