Грипот е многу заразен и годишно од него се разболуваат од три до пет милиони луѓе во светот. Грипот е одговорен најмалку за 290.000 смртни случаи годишно, покажуваат најновите податоци на Светската здравствена организација (СЗО), пишува „Делти.ком“. Значи, кои се областите со висок ризик за добивање грип? Свесноста за овие жаришта е клучна за да останете здрави за време на сезоната на грип.
Јавен превоз
Автобусите, возовите и метрото се жаришта за пренос на грип поради близок контакт со патниците и заедничките површини, како што се држачите и седиштата. Честото пристигнување и заминување на патниците ја зголемуваат веројатноста да се сретнете со вирусот. Експертите особено препорачуваат носење маски за време на екот на сезоната на грип, за да се заштитите од пренос на вируси преку воздухот. Патувањето во часовите надвор од шпицот е уште еден ефикасен метод за намалување на изложеноста и за заштита од грип.
Училишта и градинки
Природата на активностите во училиштата и во градинките, заеднички играчки, групни активности и заеднички места за јадење, дополнително го олеснува ширењето на бактериите. Децата често се вклучуваат во практична игра, споделуваат едукативни материјали и одблиску комуницираат со своите врсници и наставници. Иако се корисни за социјален и образовен развој, тие интеракции може да доведат до лесно пренесување на бактериите и вирусите. Воспитувачите и негувателите можат да го намалат ризикот со често миење раце, чистење, дезинфекција на површините и поттикнување вакцинација против грип.
Канцеларии и работни места
Канцелариите, особено оние од отворен тип, се погодни за ширење грип, бидејќи вработените работат во непосредна близина и споделуваат простори како што се соби за одмор и сали за состаноци. Вирусот може лесно да циркулира низ тие мрежи, дополнително помогнат од заедничките објекти, како телефони, тастатури и апарати за кафе. Освен тоа, затворената природа на канцелариската работа, со ограничена изложеност на свеж воздух, може да го ослабне имунолошкиот одговор, зголемувајќи ја подложноста на грип. За да се ублажат ризиците, работодавците треба да поттикнуваат редовно чистење, да промовираат вакцинирање, да понудат флексибилни политики за боледување и да ги едуцираат вработените за превенција од грип.
Болници и клиники
Овие објекти се области со висок ризик поради концентрацијата на болни лица. Строгите мерки за контрола на инфекции, како што се протоколи за хигиена на рацете, изолација на пациентите и вакцинација на персоналот, се неопходни за да се спречи ширењето на грипот во овие услови. Ограничувањата за посета за време на шпицот на сезоната на грип исто така може да бидат ефикасно решение.
Трговски центри и продавници
Густиот сообраќај и заедничките површини во овие области, како што се количките за пазарење, оградите на ескалаторите, рачките на вратите и масите за храна, ги прават потенцијални жаришта за пренос на грип. Раководството на трговскиот центар треба редовно да ги чисти тие области и да обезбедува станици за дезинфекција на рацете. Клиентите се охрабруваат да размислат за купување надвор од шпицовите.
Фитнес-центри и спортски сали
Љубителите на вежбалници треба да ги бришат реквизитите пред и по употребата и да одржуваат добра лична хигиена. Покрај тоа, заедничките простории во спортските сали, како што се соблекувалните и тушевите, имаат тенденција да бидат влажни, што му овозможува на вирусот на грипот да преживее подолго на површините. Управата во вежбалница може да придонесе со редовно чистење на овие простори и подобрување на вентилацијата.
Ресторани и кафулиња
Блискиот распоред на седење и заедничките предмети, како менија и зачини, може да го олеснат ширењето на грипот. Подобрените протоколи за чистење и нагласувањето на важноста на хигиената на рацете меѓу персоналот и посетителите може да помогнат да се намали преносот. Корисни се и распоредот на масите и подобрувањето на циркулацијата на воздухот.
Настани и собири
Концертите, спортските настани, верските служби и фестивалите се главните жаришта за вирусот на грип поради големата концентрација на луѓе во често затворени простори. Природата на многу такви настани, кои вклучуваат навивање, пеење или гласно зборување, исто така може да ја зголеми емисијата на респираторни капки во воздухот, зголемувајќи го ризикот од пренесување преку воздухот. За време на шпицот на сезоната на грип, тие собири може да станат жаришта за епидемии, особено ако меѓу посетителите има лица што се веќе заразени, но можеби сè уште не покажуваат симптоми.