Македонските музичари Гого Реквием (Георги Гавровски), и Филип Каровски, обединети во акустичниот бенд „Д Трикстерс“, по повод Меѓународниот ден на жените – 8 Март, одржаа концерт во Подгорица, Црна Гора.

Средбата со црногорската публика, насловена „Распеан ден на жените“, беше во организација на КИЦ „Будо Томовиќ“ во Подгорица.Членовите на групата промотивно гостуваа и на Националната телевизија на Црна Гора „ТВ Е“, каде разговараа со популарната водителка Јелена Божовиќ, како и на „ТВ 7“, каде што емисијата ја водеше Тијана Перовиќ.

Инаку, Гого и Југослав Милановски, а од 2021 и Филип се членови на групата „Реквием бенд“, а како „Трикстери“ настапуваат поради акустичниот перформанс и репертоар, кој се базира на странски ретро-хитови, како и на македонска поп-рок музика, додека „Реквием бенд“ е познат по изведбата на „Екс -Ју“ популарните рефрени.

Во една од нумерите на концертот, на кој присуствуваше и македонскиот амбасадор во Црна Гора, Зекир Рамчиловиќ, музичарите ги придружуваше „Поп-рок КИЦ“, хорот на културно-информативниот центар „Будо Томовиќ“ и заедно ја отпејаа култната песна на Влатко Стефановски, „Џипси меџик“.

Во паузата помеѓу двата музички блока, Гого имаше 20-минутен магионичарски настап, прв од ваков тип во Црна Гора, што беше поздравен со бурни аплаузи.

Нивното претставување во Подгорица беше заокружено со настап во популарниот клуб „100 Манири“, каде што публиката ги поздрави со овации.

– Нашиот неодамнешен концерт во Подгорица, помина фантастично. Целата сала пееше со нас уште на изведбата на првата песна. Во публиката беше и македонскиот амбасадор во Црна Гора, господинот Зекир Рамчиловиќ, што за нас беше голема чест. Еуфорија настана кога заедно со поп-рок хорот на културно-информативниот центар „Будо Томовиќ“ ја исполнивме „Gipsy magic “. Во оваа прилика сакам да нагласам дека голема помош во текот на подготвките за настапот имавме од Снежана Бурзан, истакнат член на хорот. Исто така беа присуни голем број членови на друштвото на црногорското-македонско пријателство „Kирјана“, кои уживаа во перформансот, заедно со целата публика – ни рече Гого Реквием веднаш по настапот.

Тој додаде дека со Филип се надевале на добар настап, но дека толку добро ќе бидат прифатени од публиката не очекувале.

– Веднаш по концертот, гостувавме и во монденскиот клуб „100 Манири“, каде настапуваат еминентни имиња од целиот Балкан. Иако беше предвиден музички настап во траење од 20-тина минути, на сцената останавме еден час по барање на публиката. Без воопшто да се надеваме, веднаш после настапот нашиот менаџер Срѓан Поповиќ ни соопшти дека од крајот на септември стартуваме со концерти еднаш месечно во Црна Гора, бидејки веднаш бил „нападнат“ со понуди. Би сакал да изразам голема благодарност до сите црногогорски медиуми, како пишани, така и електронски, за поддршката, до хотелот „Рамада“ и нивното гостопримство и спонзорство каде бевме сместени, огромна благодарност до КИЦ „Будо Томовиќ“ во чија сала „Додест“ се одржа концертот и до нашиот пријател и менаџер Срѓан Поповиќ – ни рече Гого Реквием.

Инаку, црнорските медиуми пренесоа дека „Трикстери“ на 8 март за првпат се претставија пред црногорската публика. Членовите на групата „Реквием“ од Скопје свиреле со голем број поп-рок ѕвезди од просторите на некогашна Југославија, како и со македонските пејачи.

Во рамките на искуството со илузионизмот и магионичарството, Гого Геквием е балкански шампион во ментализам како и балкански вице шампион во магија од блиску и зад него се бројни настапи во регионот, но и низ Европа. Во Македонија е пребукиран од настапи за деца каде што преку своите едукативни хумористични шоуа ги едуцира и засмејува и деацата и возрасните. Од 2015 година е член на балканското интернационално жири и претставник на балканската магионичарска федерација. Во Лас Вегас, САД, добил престижна стипендија за академијата за магија и мистерии, чиј соптвеник е Џеф МекБрајд. М.Т.

Фото: Приватна архива