Кралот Гудеа во присуство на божество кое седи на престолот

Занимливости

Градот Лагаш, познат и како Сирпула, се наоѓа северозападно од сливот на реките Тигар и Еуфрат, денешната територија на државата Ирак. Во минатото, Лагаш бил лоциран во Сумер, односно во јужниот дел на Месопотамија. Лагаш е еден од неколкуте града, кои биле економски, политички, културни и религиски центри на сумерската цивилизација, една од најстарите цивилизации во историјата на човештвото.
Археолошките истражувања и пронајдените натписи посочуваат дека Лагаш имал големо значење и влијание во Сумер, во третиот милениум пред нашата ера. Кралевите на Лагаш на исток се бореле со Елам, а на север со сумерскиот град Киш. Во подоцнежниот период, Лагаш се нашол под власта на Саргон Први и неговите наследници, владетели на Акад. Според некои од истражувачите, во периодот 2075-2030 година пред нашата ера, Лагаш бил најголемиот град во светот.
Сумерскиот антички град сосема неочекувано бил откриен во 1877 година од страна на Ернест де Сарзек, тогашен француски конзул во Басра. Сарзек вршел археолошки истражувања сѐ до 1901 година, а потоа ископувањата ги продолжил Г. Крос. Во периодот помеѓу двете светски војни, француските истражувачи Андре Оаро и Анри Генјуак ги продолжиле археолошките ископувања.
Од некогашниот моќен град држава Лагаш, денес се зачувани ридови од рушевини, познати како Тел Хиба. Археолошкиот локалитет се наоѓа околу 10 километри источно од ирачкиот град Шатра и околу седум километри источно од Шат ел Ха. Археолошките истражувања покажале дека „Е-нину“, главниот религиозен храм во Лагаш, кој бил посветен на богот Нингирсу, бил уништен уште во антиката и врз неговите темели била изградена тврдина во времето на македонската династија основана од Селеук Први Победникот, по смртта на Александар Македонски.

Глава на бик, трети милениум п.н.е

Археолошките наоди исто така покажуваат дека некои од тулите на тврдината имаат натписи на хеленски и на арамејски јазик и се однесуваат на некој владетел на мало кралство во Вавилонија, најверојатно кралство што настанало по распаѓањето на империјата на Селеукидите. Во споменатата тврдина, археолозите пронашле повеќе статуи на Гудеја, крал на Лагаш. Исто така истражувањата покажеле постоење на голем број фрагменти на барелјеф.
При археолошкото истражување на вториот т.н. рид, биле пронајдени предмети изработени од бронза, како и камен од преддинастичкиот сумерски период, неколку века пред владеењето на Гудеја. Истражувањата потврдиле дека на овој рид се наоѓале повеќе зданија, за кои се претпоставува дека се складирале смокви, жито, оружје и други предмети или орудија. Истражувачите претпоставуваат дека биле користени од страна на главниот храм и кралската палата.
На еден од помалите археолошки ридови, Ернест де Сарзек ја пронашол архивата на храмот, кој бил посветен на богот Нингирсу, а во неа се наоѓале околу 30.000 глинени плочи, со натписи што се однесуваат за споменатиот храм, земјоделството, сточарството, трговијата и др. Глинените плочи не биле сместени на сигурно место и набргу повеќето од нив исчезнале. Неколку години подоцна, споменатите глинени плочи започнале да се појавуваат во Америка и во Европа кога биле продавани од страна на антиквари, кои се стекнале со нив на нелегален начин.

Стела на мршојадците