Вечерва во „Јавна соба“ концерт ќе одржи „Пијан Славеј“, музичко-поетски формат на Бранислав Николов од групата „Фолтин“, заедно со Пеце Трајковски, Славчо Јовев, Андреа Мирческа и Гоце Јованоски, во чие срце е идејата да се креира една нова македонска шансона. Тие инстинктивно го осовременуваат стариот вкус на музичката поезија од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век.
Групата е формирана кон крајот на 2021 г. Првиот настап го имаат на скопскиот „Оффест“, а наредната година „Скопскиот џез-фестивал“ го издава нивното прво и истоимено ЕП. Понатаму настапува на „Д фестивал“ и „Друга годба“ во Љубљана, Словенија.
– Песните на „Пијан Славеј“ се потпираат на оригиналноста и шармот на неговите стихови (од кои „Парфем“, „Крв да ни се стори“, „Сонце“ веќе солидно се извртеа на социјалните мрежи), но уште повеќе на енергијата што се чини само нему му е својствена, а нам, на навивачите, и тоа како позната. Притоа, возен од неговите придружници, инспиративно слезе до срцевината на македонската поп-сцена од 1970-тите, си дозволи наново да им се обрати на значајните претставници на шансоната во глобални рамки – напиша за нивната музика Љупчо Јолевски, критичар.
„Ворлд мјузик сатрдеј“ е мотото на фестивалот „Светско, а наше“, кој се одвива во „Јавна соба“ секоја сабота.